Виз Ер Скопски Маратон на насловната на Distance Running!

Конечно после долги години работа и откога го сменивме стартот на трката Скопскиот маратон доби и насловна страница во #DistanceRunning најпрестижен магазин за маратонско трчање кој се печати во 500.000 примероци. Не може секој маратон во светот да се пофали со насловна страница во овoј магазин…

Скопје, (06.07.2016) Препознатливоста на Виз Ер Скопскиот Маратон како име и спортски бренд е раширена не само во Македонија, туку низ многу Европски земји и пошироко. Виз Ер Скопскиот Маратон, со својата досегашна реализација на маратонските трки низ годините, повторно и упорно го докажува својот професионализам и стекнатото искуство, кое е заслужно за успешното одржување на оваа спортска манифестација во Скопје секоја година.

Притоа, не е воопшто изненадувачки што фотографија од овогодинешниот Виз Ер Скопски Маратон на Ванчо Џамбаски, се најде на насловната страна на најновото издание на најпрестижниот магазин за маратонско и улично трчање во светот, Distance Running. Овој магазин се издава од страна на AIMS (Association of International Marathons and Distance Races), и се дистрибуира на глобално ниво во над 500.000 примероци!

Најновиот број на магазинот Distance Running, (издание јуни – септември 2016), може да се разгледа на официјалната веб страна, а истиот може да се симне и во .pdf формат на следниот линк: http://distancerunning.co.uk/my-books/2016.e3.DistanceRunning.web.html

„Навистина сме горди и пријатно сме изненадени од оваа убава вест која дефинитивно ја позиционира Македонија на светската мапа на земји кои организираат спортски маратонски манифестации во едни од најголемите светски метрополи. Голема чест е да се добие признание од ваков вид и фокусот на секој читател на новото издание на овој престижен магазин за маратонско и улично трчање, Distance Running, ќе биде токму главниот град на нашата држава. Се надеваме дека светот сега ќе добие можност да дознае повеќе за Македонија како земја, но и за повеќегодишните успешно реализирани изданија на трките во склоп на Виз Ер Скопскиот Маратон. Ова е шанса заинтересираноста за учество на маратонските трки за идната година да бидат уште поголеми од претходните,” изјави директорот на Виз Ер Скопскиот Маратон, Кире Синадиновски.

AIMS e Асоцијација на меѓународни маратони и улични трки со седиште во Атина, Грција, во која членуваат преку 400 трки од повеќе од 100 земји од целиот свет. Виз Ер Скопскиот Маратон е член на AIMS од 2009 година.

Успешните приказни и пријатните искуства на многубројни учесници, кои биле дел од претходните изданија на маратонските трки во Скопје во склоп на Виз Ер Скопскиот Маратон, полека, но сигурно ја креираат реалната слика во светот, за капацитетот на една мала земја како Македонија, успешно да организира спортски настан од ваков вид и на едно место да собере илјадници љубители на трчањето и спортот од целиот свет.

Убавиот збор надалеку се слуша!