Традиционално искачување на Титов Врв за поддршка – Шара да се прогласи за национален парк

Ни претставува огромна чест и задоволство да Ве известиме дека на 28 и 29 мај 2016 година ќе се оддржи триесет и петтото традиционално искачување на Титов врв во организација на планинарски клуб „Љуботен”- Тетово. Како и секоја година, така и оваа качувањето на Титов врв ќе ги обедини планинарите и планинарките од цела држава, регионот и Европа.

Оваа година сите посетителки и посетители на овој настан ќе чекорат под мотото „Да се искачиме на 2747 метри и да дадеме поддршка, Шара да се прогласи за национален парк”. Планинарскиот клуб Љуботен, ги повикува сите вљубеници во планините да се приклучат на оваа манифестација, а со тоа да направат нешто добро за сопственото здравје, сопствениот дух и развој и секако нешто добро за Шарскиот регион и природата.

Планинарските друштва во сабота, 28 мај 2015 година, ќе пристигнат на Попова Шапка каде што е предвидено да се одржи свечено отворање на манифестацијата со изложба на фотографии и презентација на туристичките потенцијали на Шарпланинскиот регион. Во недела наутро, долгата планинарска колона ќе се упати кон Титов Врв, тргнувајќи од платото пред хотел „Попова Шапка”. Пешачењето до највисокиот врв на Шара, по „Вакуфска патека” ќе трае околу 5 часа и ќе биде проследено со еколошка акција за чистење на сметот долж планинарската патека до Титов Врв.

На самиот врв, присутните ќе имаат можност да учествуваат во една интересна фотографска акција. По кратката пауза, планинарите и планинарките ќе се вратат на Попова Шапка, и ќе се напијат чај со групата „Пријателите на Шара”, ќе добијат информации за придобивките од тоа Шар Планина да биде прогласена за национален парк и ќе имаат можност да дадат поддршка на оваа иницијатива. Потоа, манифестацијата официјално ќе биде затворена.

Во досегашните искачувања на овој настан, вкупно се искачиле 21.700 планинари.
Овој настан е поддржан во рамките на проектот „Рурален развој преку интегрирано управување со шумските и водните ресурси (LEIWW)”, имплементиран од страна на SWG во соработка со GIZ. Генерален спонзор на манифестацијата е ТТК Банка АД Скопје.

Планинарскиот клуб „Љуботен” е најстариот активен планинарски клуб во Македонија, кој постои од 1925 година и е организатор на голем број на манифестации на Шар Планина.

За повеќе информации, обратете се на:

Нашата веб страна: http://www.pkljuboten.org.mk/ и ФБ

Ве очекуваме!

Срдечно,
Тимот на ПК Љуботен

Автор

PK Ljuboten

Тетово

Македонија