Среда, 3 Август 2011

Мојата прва експедиција – Ден 17 (96км)

Утрото почнавме да ги возиме Апенините. Прекрасни се. Дента етапата ја почнавме со удолница, онака да ни тргне денот.

Претходни страници од книгата: Ден 16


Затоа и таму се сместивме да спиеме. Лево и десно од патот насекаде имаше приватна шума. Беше оградена со камења и жица. Наидовме на едно село коешто беше на една страшна угорница и доручкувавме. Според оградата покрај патот можеше да се примети дека искачуваме стрмна нагорнина. Доручек како доручек, леб, крем и млеко. Таа комбинација дефинитивно најдолго држи. Локалциве нè гледаат чудно. Небаре сме им украле нешто. Аман бе, јадеме и продолжуваме.

Глетката беше прекрасна каде и да се свртиш. По патот наидовме на неколку замоци, стари куќи, спор живот. Насекаде во далечината се гледаа автопатишта. Тоа малку ја влошува глетката. Целиот сообраќај е насочен кон автопатите, а регионалниот пат останува празен само за нас. На едно место Јово ме испрска со вода. Му реков дека не треба да ја троши водата зошто не знаеме каде е следната чешма, возиме непознат терен и не сме свесни на каков ризик се изложуваме ако останеме без вода. Се налути. Ги фрли бидоните, едниот купен од Мон Венту и си продолжи. Мислеше дека ќе му ги соберам. Ги оставив каде што ги фрли.

Возевме кон превоите на Апенините. Ги имаше два. Првиот се викаше Пасо дела Фута. Таму ме чекаше Јово со набрани диви крушки. Демек во знак на смирување. Целиот превој беше посветен на Џулио Маѕети. Го почекавме Марко и продолживме. Во долината беше градот Фиренцуола и Муџело, местото каде што се одржуваат мото трки. Еден од најпознатите мотодорми во светот.

На спустот после превојот, ги оставив Марко и Јово да ми се одалечат. Понекогаш посакував да возам сам. Сакав сам да си уживам во околината која што беше прекрасна. Непрегледни ридови и долини, зелени шуми и пасишта. На спустот начекав една продавница со тераса покрај патот. Застанав, си земав едно Бира Морети, си се истегнав на терасата и уживав во глетката. Апенините се прекрасни. Ми текна дека другиве двајца ќе ме чекаат. Ама ова не се пропушташе.

Кога го продолжив спустот начекав дваесетина млади машки и женски како ги туркаат точаците на угорницата во обратен правец од мене. Абе форца, им викам. Тие целите капнати, одвај се движат, само ме поздравија и си продолжија. Јас па јунак им се правам на спустов. Носеа кабаници што значи дека горе врнело. По некое време го видо Јово како се симнува по мене. Јас веќе ја почнав последната угорница кон Пасо дела Ратикоза. Се исплашил дека ми се случило нешто или дека имам дефект. Кога ми се доближи ја коментиравме околината. Си се проверувавме дали сме ги виделе истите невообичаено убави места. Бев малку исцрпен бидејќи се оладив од седењето и од спустот, па Јово ме извлече до превојот.

Ратикоза е познат превој на Апенините посебно меѓу моторџиите бидејќи во близина се наоѓа Муџело и тука доаѓаат на пиво и муабет после неколку извозени брзи кругови. Тука имаше моторџии и на поминување. Од оние со БМВ ГС што ги гледавме постојано по патиштата. Тука беше нивниот рај, но и на Јово. Ептен му се направи мерак. Па и тој е моторџија во некоја рака, иако вози Веспа. Луѓе од цел свет на мотори од секаков тип. Секако најмногубројни беа Италијаните. И веднаш почнаа со расправија. Од она што го знам италијански разбрав дека најмалку еден беше про-Бјаџи настроен, а другите беа контра-Бјаџи, а про-Роси. Расправијата беше онаа стандардна. Само да се зборува нешто без притоа да се оди кон поентата. Главно се расправаа кој е подобар, Роси или Бјаџи.

Пладнето веќе помина. Време беше да почнеме да се симнуваме кон Болоња. Ни рекоа дека цело време до градот е спуст. Така и беше. Набрзо стигнавме во Болоња. Веднаш го најдовме патот до центарот. Некаде на влезот во центарот, патот ни го пресече една кола што се паркираше. Почнавме да му викаме. Тој па почна да вика: Македонија, Македонија. Ај мајката. Што му е на човеков? Па го спомна Дејан Ефремов. Еј, зар го знае? Го извади телефонот, му се јави на Дејан и ми го даде да разговарам. Му кажав дека ни е голема инспирација. Му кажав каде се сме биле и се поздравивме. Човекот ни се понуди да ни помогне ако ни треба нешто.

Понатаму застанав да се мајтапам со едни две полицајки. Ги прашував каде е патот за Болоња. Се збунија малку. Марко се слушна со пријателот Кане и се договоривме да се чекавме во некој парк на желките. Седнавме на клупите и гледавме две девојки како се учат да возат моноцикл и им фаќавме сеир. Кога дојде Кане не покани во станот на неговата девојка, која во моментот не беше таму, да се истушираме и нешто да испереме. Јас веднаш го одбив со објаснување дека не сакам да влегувам во женски стан волку нечист. Навистина ми беше срам. Мислев дека ќе го контаминирам целиот стан. Малку не прошета низ центарот и седнавме да јадеме по еден донер во курдски ресторан. Не знам дали остана држава што има донер да не влеговме. Од Мароко до Пакистан, преку Турција, Курдистан и Арабија. Тука ги оставивме телефоните да се полнат.

Марко и Кане си отидоа, а јас и Јово тргнавме кон Декатлон. Пазаривме и тргнавме назад кон центарот. Го шетавме на зајдисонце. Не ми се виде нешто убав град. Фасадите претежно беа од црвена цигла исцрнети од димот на колите. Мислам дека имаше добар ноќен живот. Сепак Болоња е универзитетки град. А каде има студенти, таму има и забава. Тргнавме кон излезот на грдаот и кон Виа Емилија во правец на Парма. Веќе се стемнуваше и моравме итно да се сместиме. На излезот од градот, лево под патот имаше парк. Не знам зошто ама Јово некако многу се двоумеше за местото. Ич не му се правеше мерак дека таму ќе спиеме. Беше претпазлив пред крајот или ми тераше инает. Јово никогаш не бира каде логорува. Важно му е само дека треба да легне, а не е важно каде. Тоа беше голем парк, со по некое дрвце. Се сместивме под едно дрво далеку од патот за да не ни сметаат колите. На неколку страни се гледаа сенки и силуети од луѓето во паркот. Мислам дека тоа беше од оние паркови каде што се собираат бездомници и наркомани.


Прочитајте ја наредната страница (ден 18) од патеписот „Мојата прва експедиција” наредната среда на 24.03.2016