Вторник, 02 Август 2011

Мојата прва експедиција – Ден 16 (Галено-Понтедера-Фиренца 96км)

Утрото се разбудивме во магла. Од каде па сега магла сред лето? Во воздухот се познаваа ситни капки. Се што беше оставено надвор беше водено. Јас па токму оваа вечер најдов да спијам на отворено. Вреќата утоп. Станавме и тргнавме надоле кон Понтедера.

Претходни страници од книгата: Ден 15


Одлична беше идејата да не се враќаме по истиот пат од Винчи, за да посетиме други села и да видиме повеќе места низ Тоскана. Прекрасна е. Застанавме во дворот на една црква, чисто да се замиеме. Да плиснеме некоја вода на лице. Малку хигиена не е на одмет. Не смееш да заборавиш на хигиената кога си на пат. Мораш да ја практикуваш што е можно почесто.

Полека стигнавме во градот. Отидовме до музејот ама беше рано. Уште беше затворено, па решивме да доручкуваме. Си седнавме во едно паркче и извадивме да јадеме. Што се нашло, тоа ќе доручкуваме, нема пребирање. Отидовме и до плоштадот повторно да разговараме со локалците. Така најубаво се доживува и научува нешто за некој град. Ќе ти зборуваат за минатото на градот, какви земјоделски култури се одгледуваат (секој град е карактеристичен по некоја култура), ќе ти зборуваат кој е најпопуларниот жител на градот (мртов или жив), дали споменикот во центарот на градот треба да стои таму и се разбира нивната најголема гордост чичко Риналдо Пијаџо.

И дојде време да одиме во музејот на Веспа. Застанавме да си купиме карти и дознавме дека е гага. Како бе гага? Па ние подготвивме по 20 евра за влез. Ух супер. Малку сликавме по погоните, зградата, архитектура. Се гледа дека овде лежи некоја традиција. Влеговме. Јово почна да здивува. Сигурен сум дека знаеше повеќе за Веспа од останатите што работеа во музејот. На влезот на музејот, во отворениот дел, имаше авиони и една локомотива. Всушност Пијаџо произведувале за италијанската воена индустрија пред и за време на Втората светска војна, но после војната им забраниле да работат и се преориентирале кон мопеди, скутери…за денеска да станат тоа што се. Под своја капа ги имаат Пијаџо, Веспа, Априлија, Скарабео и многу други брендови.

Не брзавме со прошетката. Јово е голем Веспа фан и сакав да го оставам да ужива додека е тука и да го ислушам сето она што имаше да го каже. На влезот имаше поставено неколку модели на скутери со коишто некои луѓе го обиколиле светот. По неколку пати не само еднаш. Вистински легенди. На тие луѓе им се восхитувавме. Пиајџо е супер. Стотици модели на скутери. Веспа, веспа, веспа на сите страни. Ги имаше и оние чудните. На пример: Веспа скутер минофрлач, или противпожарно возило, или возило за транспорт, па Веспа хеликоптер, па некој скутер 10 пати подолг од нормалните, па скутер подморница, скутер џет-авион без крила, специјални скутери за одржување темпо на вело трки во затворено (велодром)… Па се качивме на горниот спрат, делот на Џилера. Од најстариот мотор до последниот крик на технологија. Што ли е сево ова? Се исплатеше денот што го потрошивме за да го видиме тоа. Потоа го посетивме Веспа бутикот. Јово си купи некој сувенир. Знам дека беше многу среќен. Всушност, ова беше еден од малкуте музеи што ги посетивме. Ние не бевме во Италија да гледаме музеи. Ама ова беше различно.

Излеговме од музејот и веднаш тргнавме кон Фиренца. Таму веќе не чекаше Марко, па не сакавме да му доцниме многу. Патот главно беше рамен. Се движевме во правец на Емполи. Мало, убаво спакувано градче. Веќе беше жешко па немавме многу нерви да губиме време за разгледување. После Емполи продолживме кон Фиренца и малку се загубивме во Ластра а Сиња. Излезот од Ластра ни го покажа еден автомеханичар каде што застанавме да се оладиме и да поправиме муабет. Ни извади вода, сокови, благо. Благодарение на него го најдовме патот. На влезот на Фиренца видов една градба што ми личеше на стадионот на Фиорентина, Артемио Франки, па посакав да се сликам. Ама ми кажаа дека тоа било затвор. Не знам зошто ама некако ми дојде да се сликам со крената десна рака. Онака како што се поздравувале старите Римјани. Аве Цезар. Да не се разбереме погрешно. И така, врти, врти, стигнавме во градот.

На влезот на стариот дел имаше огромни порти. Ама огромни. И нормално Јово дојде до луда идеја, да сме ги затвореле. Не ми се верува. Одма за ориентација кон центарот ја користевме огромната купола на црквата. Таму е Пјаца дел Дуомо и таму не чека Марко. Тој сигурно уживаше во Фиренца. Дечкото е архитект и имаше еден ден плус за да го разгледа градот и да ужива во неговата архитектура. Се најдовме на плоштадот. Народ многу. Се собрале од цел свет. Водичи еден куп. Зборуваат на секакви јазици. Јапонците, нормално, апаратчињата во рака и само сликаат. Полицајците беа облечени во смешни униформи со уште посмешни капи. Сега Марко требаше да ни биде водич затоа што тој подобро го знае градот. Ги оставивме точаците пред крстилницата, на плоштадот, неврзани нормално, и тргнавме пешки во разгледување. Тука и го поставивме македонскиот штанд. Ги развиоривме македонските знамиња како што правевме во секој град кадешто застанувавме. Така си го викавме тоа место-Македонски штанд. Вадевме знамиња и ги врзувавме за воланите на точаците за да се знае, демек, кој е тука. Абе главни.

Прво направивме круг околу катедралата. Прекрасно здание. Огромно. Ја дознавме и причината зошто иградиле толкава катедрала. Приказната е дека во средниот век постоело огромно ривалство помеѓу тосканските градови Пиза, Фиренца и Сиена. Ривалството конечно ќе се реши со изградба на катедрали. Кој град ќе изгради поголема црква, тој ќе доминира над другите. Можеби политички. Така и бидна. Пиза бил силен поморски центар, но сепак, центар на цела Тоскана останала Фиренца. И сето тоа заради Медичите.

Потоа бевме до плоштадот на Медичи, убави скулптури. Видовме копија од Голиот Давид. Па Музејот Уфици и прекрасните скулптури на познати уметници, философи, писатели и морепловци од тој период. Отидовме и до Понте Векио, Стариот мост. Полно народ. Мислиш ќе се сруши мостот. По пат кон мостот имаше убава колонада која што беше споена со сводови. Стотици сводови ги поврзуваа столбовите. На ланците пак, што ги спојуваа столбовите во долниот дел, имаше илјадници катанци. Подоцна дознавме дека катанците ги поставуваат вљубени парови како знак дека така нивната љубов ќе биде заклучена и вечна. Враќајќи се кон Пјаца дел Дуомо, свративме во еден ирски паб на пиво. Па сепак е Илинден. Мораме да прославиме малку. Пиевме по два Гиниса, поседовме малку, оставивме сувенир од банкнота од 50 денара со посвета за шанкот. Имаше залепено стотици банкноти од цел свет, па ај и од Македонија нека има некоја.

Полека се уморивме од одењето. Некако ни досади и возење и шетање и разгледување. Ај ќе одиме пред катедралата. Таму ќе седиме и ќе се глупираме. Се вративме на плоштадот и седнавме на скалите пред црквата. Од спротива се наоѓаше крстилницата. Не беше поголема или повеличенствена од онаа во Пиза ама имаше нешто во нејзе. Се залепив до еден водич да слушам што кажува. И онака туристите не ја слушаа ништо. Вака барем ќе и направам да и биде интересно. Секогаш имам многу прашања. Разбрав дека вратата беше направена од тројца мајстори, меѓу кои и Микаланџело и е наречена Портата на Рајот. Прекрасно нешто.

Така си седевме на скалите и си набљудувавме. Си ги гледавме луѓето како поминуваат. Една жена беше приведена од смешните полицајци под обвинение дека украла. Гледај сеир. Отидов до точаците да го поднаместам знамето и од позади некој ми пее: Македонија цела да е секој да ја знае. Кој е сега овој, си викам. Оп, петорица Македонци на пропатување низ Италија. Се подруживме малку. Си честитавме Илинден, се сликавме и заминаа.

Марко отиде да јаде, па и ние по него. Јадевме во една евтина народна кујна. Не знаеш од што побрзо да земеш да јадеш зошто се ти се јаде кога си гладен. А плус па и цените ниски. Потоа се вративме на плоштадот да се собереме и да тргнуваме. Марко го имаше веќе најдено излезот од градот кон Болоња. Веќе се стемни. И навистина, излезот го најдовме многу лесно. Веднаш се појави една угорница што не крена високо и ни даде прекрасен ноќен величенствен поглед врз Фиренца. Такви работи доживуваш само на патување со точак. Тоа беше долга и стрмна угорница. Бевме уморни и не бевме многу расположени за возење бидејќи некако бевме заситени и оладени. Излеговме од Фиренца и се искачивме високо, но патот почнуваше да се спушта па решивме тука да ноќеваме за да не губиме висина и утрешниот ден да го почнеме со спуст.

Се сместивме во шумата покрај патот. Тоа беше еден од оние приватни имоти во кои влезот е забранет. Дури имаше и поставено знаци. Ама и онака никој нема да не најде тука. Нема да направиме никаква штета и готово. Ако не фатат, ќе ја практикуваме тактиката на Гоце: Не знам. Не сум од тука. Ништо не разбирам.

Вечерта, спиејќи ме разбуди една срна. Сигурно не очекуваше да не најде тука. Не мрднав за да не ја исплашам. Сепак сме кај нејзе дома. Само ја посматрав. Утрото Јово и Марко не ми веруваа дека толку блиску ни се доближила, ама за среќа па утрото пак видовме срни и ги сликавме. Прекрасно животинче. Колку ли е само убаво да спиеш на отворено? На место каде што ти сакаш да спиеш. Положба која што ти ќе си ја наместиш. Слобода. Нема нешто поубаво од тоа.


Сврти на наредна страница – Ден 17