Четврток, 28 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 11 (Ле Лук-Сен Тропе 65 км)

Повторно нè разбудија коли. Тој пат многу беше прометен. Подоцна си потврдивме дека патот навистина води кон Азурниот брег и дека сите луѓе од овој дел на Франција го користат токму него за да стигнат таму. А ги имаше многу.

Претходни страници од книгата: Ден 10


Се собравме и тргнавме веднаш. Не ни доручкувавме. Веќе изгубивме навика и за јадење. Некако се ни стана рутина. А оваа рутина не смее да се напушти. Се може да се заборави, но мора да се јаде. Затоа застанавме да јадеме набрзо штом почнавме да возиме. Јово го има тоа постојано во главата. Не е важно дали сме гладни или не, мора да се јаде. Во една прилика ми вика: Ајде да јадеме. Гладен си, го прашувам. И ми вика: не сум гладен, ама време е. И така, благодарение на него, имавме отприлика редовни оброци. Доручек во 9, ручек во 14-15 и вечера кога ќе застаневме да возиме, пред спиење.

Еј, одиме накај морето. Живи радосни. Дај да побрзаме. Постојано им кажував како го мирисам морето. Мора да сме блиску. Сигурен сум дека најмногу се радував заради туширањето. Нема нешто поубаво од хигиена на пат. Ама овојпат малку се заборавивме.

По пат видовме фарма за пеперутки. Многу интересно, но немавме време за застанување. Морето не повикуваше. Гоце доцнеше. Постојано застанувавме да го чекаме. Одеднаш се појави една планина којашто моравме да ја качиме. Тоа ќе ни биде последната препрека пред да излеземе на морето. После тоа се ќе биде различно. Освен сообраќајот, тоа беше убава угорница за возење. Целиот пат беше обраснат со дрва и не се гледаше до каде сме. Така помалку се плашиш. Планината завршува кога ќе заврши. Така ако постојано ја гледаш и си викаш: уште малку, ајде уште малку, повеќе ќе и се плашиш и ќе ти одзема енергија мислејќи на тоа. Вака само си вртиш и си мислиш на нешто друго. Врти, врти и стигнавме до едно село. Ла Гарде се викаше. Тука ќе го чекавме Гоце. Којзнае каде ли е сега? Заглавен во дрвата некаде. Веднаш дојдовме на сретсело. Таму имаше нешто како музеј. Внатре работеше млада локална девојка. Малку муабет со нејзе. Како што реков, секој муабет со човек надвор од екипата е добредојден. Одвај зборуваше англиски. Епа како се разбираш со туристи, ја прашав. Ги крена рамениците. Сирото девојче.

Се договоривме да го пречекаме Гоце како на ТдФ. Да навиваме, да трчаме по него и да го прескаме со вода. И на крај сето тоа да го сликаме. Така, се симнавме малку подоле на патот и направивме план. Нешто како заседа. Демек гледаме нешто. И кога се доближи почнавме да го бодриме. Але, але, але…напред Гоце. Гооооце. Тој се смее. Па незгодно му е. Беше многу смешно. Почнавме да го прскаме со вода, демек да се освежи. Почна да се буни дека телефонот, парите и цигарите му се во задниот џеб на дресот. Ама ние не го разбравме. И за крај Јово му истури цел бидон вода на глава. Ама мислам дека го удави. Одвај зема воздух. Многу смешна ситуација.

Ла Гарде беше убаво мало селце. Имаше убава местоположба зошто ги поврзуваше Прованса со морето. А за љубителите на природата тој пат нуди прекрасна шанса да се види Прованса одблиску и полека. Од автопат ништо не се гледа. Не можеш да застанеш и да се исклучиш каде сакаш. По споредните патишта можеш. Селото беше полно со туристи. Отидовме до една продавница да земеме нешто за прекаснување. Се договоривме да ручаме во Сент Тропе. Тука само да прекаснеме нешто зошто не знаеме кога ќе биде ручекот. Застанавме на една ширинка каде што имаше вода. Луѓето ја играа онаа играта со метални топки. Бочање, како во Макарска. Така јадејќи Гоце примети голема „џумка” на мојата предна гума. Ги имав оние тенки Мишелин гуми за на асфалт, Мишелин Сити 1.4. Гумата кај жицата беше изедена и од притисок и жештина, се појавила испакнатина. Веднаш ја сменивме со резервната гума на Јово. Тоа беше широка гума со крампони. Ич не беше за на асфалт. Ама кога нема друго, и тоа е добро. Така требаше да ја возам до првиот голем маркет кадешто требаше да најдам потесна гума. Можам само да замислам што ќе ми се случеше ако не ја приметевме гумата и ми пукнеше на спустот кон Сент Тропе. Искршив галавата.
Се најадовме и тргнавме. Спустот почна веднаш. Нема вртење до доле. А Французиве, бетер од нашиве. И тие сред сезона ги поправаат патиштата. Имаше километарски застој на сообраќајот на влезот на Сен Тропе бидејќи ги поправаа патиштата. Правеа нови кружни текови и ставаа нов асфалт. Секако, додека автомобилите чекаа, а ние си возевме. Ем не патевме од жешкото, ем не се нервиравме, ем си дојдовме до морето пред нив.

И конечно морето. Пред да му се доближиме си кажувавме кој што прво ќе направи кога ќе влеземе во вода. Абе живи радосни. Сите кажуваа нешто, освен смирениот Јово. Нему се му е рамно. Така, после кратко возење покрај морето во правец на Сен Тропе. Видовме скали коишто се спуштаа кон плажата. Ја искористивме првата шанса. Ги симнавме точаците по скалите, ги фрливме дресовите од нас и се фрливме во вода. На плажата имаше еден пар дечко и девојка, и десетина млади Французи. Се колебаа и не им се влегуваше во вода. Како е можно? Леле како не гледаа? Па и за гледање бевме. Како да не сме виделе вода. Така си се пробањав и прошетав по плажата. Тоа беше од оние моите омилени плажи. Ситен песок, дрва исфрлени од плимата на брегот заедно со морската трева. Токму дива плажа. Се исушивме и тргнавме накај градот.

Одма се приметува луксуз, раскош. Но дали дека од зборување, градот не ми се виде нешто посебно убаво место. За мене тоа беше уште едно приморско гратче, а такви сум видел многу. Мајка ми кажуваше дека во седумдесетите и осумдесетите таму било многу ексклузивно и познато благодарение на Брижит Бардо. Ние го знаевме градот од оние француски серии. Точаците ги оставивме на пристаништето. Имаше многу народ. Гоце и Марко останаа да свиткаат некоја цигара, а јас и Јово тргнавме да правиме еден круг низ центарот. Така шетајќи ми пријде еден човек од обезбедувањето. Не беше полицаец. Што ли сака па овој, си мислам. И ми покажува кон неговата маица. Приметив дека сум гол. Ми покажа да погледнам наоколу да видам дека јас сум единствениот без маица. Ок, одам да се облечам. Маицата ми е во торбите, му реков. И тука имаше илјадници веспи и останати скутери. Во секој град што го посетивме имаше илјадници скутери. Сите градови фунционираа така. Јово уживаше да ги гледа и да ми објаснува за нив, а јас сакав да го слушам. Градот вриеше од народ. Сите ресторани и слаткарници беа полни. Луѓето стоеја на тротоарите и чекаа да дојде нивниот ред да седнат во рестораните. Се приметуваше дека многумина од нив се дојдени само на еден ден па тоа време сакаа да го искористат да седнат некаде. Знаеш, ќе кажат после дека пиеле кафе во Сен Тропе. Ако, тие дошле за тоа. Ние сме дошле, онака. Можеби само да се увериме дека и не е нешто посебно, дека и тие се луѓе или можеби градот едноставно ни беше на патот кон дома.

Се вративме кај Марко и Гоце и продолживме по патот. Возевме по велосипедска патека. Тоа беше најубавиот начин да се види крајбрежјето. Од едната страна имаше вегетација, а од другата отворен поглед кон морето. Таа патека не однесе во еден камп. Леле кога сме му влегле. Никој ни да праша кои сме, ни од каде сме. Си ги паркиравме точаците и веднаш под туш. Си се избањавме. Извадивме и калта и солта од нас. Потоа си исправме кој што имаше за перење. Чистачот на купатилата дури и му даде шампон на Гоце. Абе одма се вклопивме. Па ние само за на Азурен брег сме биле? Но, немавме повеќе време за губење. Веќе се стемнуваше. Набрзо после камот седнавме да ручаме. Се симнавме на плажата веднаш под патот. Горе врза знаме за точаците, да се знае кој е тука. Ветерот дуваше од позади и го полнеше знамето. Имаше многу сообраќај и сите го гледаа. Си седнавме да уживаме. Јово готвеше ручек. Јас си легнав на една карпа, а Гоце ги оставаше „дрешето” да му се сушат, алишта на малешевски. Бевме од другата страна на заливот и имавме одличен поглед на Сен Тропе. На небото леташе авион што имаше закачено банер со покана на забавата на локален фраер. Уживанција.

После ручекот се качивме на патот и продолживме. Е тука навистина немаше каде да брзаме. Тука веќе престанав да ги замарам дека треба да брзаме. Си возевме полека по патот и си уживавме. Одеднаш ни текна дека немаме леб за вечера и доручек. Веќе беше 19:30, а маркетите работат до 20 часот. Се договоривме јас и Јово да побрзаме за да најдеме некој отворен маркет. Поминавме долг пат но маркет не видовме. И така бевме приморани да пазариме во една пекара. Ај, си викаме, ако е пекара би требало да биде поевтино. Море какво евтино? Дадовме 3 евра за леб ипол и уште 5 евра за шест јајца. Катастрофа. Како сум пцуел еј. Добредојдовме на Азурниот брег, а? И да биде уште потрагично, на 50 метри од пекарата, позади првата кривина наидовме на Шпар маркет. Си работеше најнормално. Влеговме внатре и докупивме работи што ни требаа за вечерата, а тоа вклучуваше и вино. Испазаривме и уште ги чекавме.

Тоа време го поминавме на локалната марина. Си ги гледавме јахтите и глисерите. Ги студиравме која каде е регистрирана, дали и која е изнајмена, која каков мотор има. Луксуз бе. Повторно се качивме на патот и тогаш ни се приклучија и Марко и Гоце. Не возевме многу кога го видов најубавиот залив тој ден. Тоа е тоа. Морав тука да кампувам. Застанав и ги викнав другите. И тие го бендисаа местото. А денот имаше уште за возење. Но доволно беше. Можеби понатаму нема да има вакво заливче? Тоа беше убава мала плажа. Нè криеше од сообраќајот и од луѓето. Единствен проблем беше дека песокот беше воден. Си пресметавме каде ќе биде изгрејсонцето и го поставивме кампот. Не брзавме со вечерата. Оставивме малку да уживаме. Сите се повлековме во себе. Секој си мислеше на нешто. Одеднаш бевме тивки. Пред нас беше само морето. Некаде таму се спојуваше со црвеното небо.

Позади нас беше зајдисонцето и го боеше небото црвено. За инает, да се разликува од морето, за нас да ни направи поубав момент. Веднаш до плажата имаше ритче. Седнавме таму. Се стрчав да му го донесам тутунот на Гоце. Сакав уживањето за сите да биде комплетно. Да пушев, и јас ќе си запалев цигара. Си зборувавме за тоа што го видовме дента. Тоа што го правевме беше навистина големо. Тогаш така гледавме на тоа. Потоа се прошетав во околината. Имаше мал парк со клупи низ него. Клупите беа свртени накај морето. Направени само за уживање. Тоа беше местото за доручек. Дефинитивно.

Дојде време за вечера. Се симнавме на плажата и извадивме нешто за јадење. Пославме еден шатор под нас за да не штити од водениот песок. Се најадовме и извадивме сирење и вино. Нема нешто поубаво. Пиејќи го виното си мезевме од сирењето. Откако го испивме виното и се отворивме малку креативно. На Марко му текна да испратиме порака во шише. На жолт лист ги напишавме нашите имиња, датум и Македонија. Листот го ставивме во шишето и Марко го фрли во вода. Се смеевме дека утрото ќе ни дојде полиција да не обвини за загадување на околината. Аха, значи вие сте тие што го фрлиле шишето? Ајде во станица. Утрото шишето не се појави на плажата. Значи морето го однесе некаде далеку. Некој ќе го најде. Онака, нешто интересно. Виното си го направи своето.

Вечерта не отворивме шатори бидејќи беше топло. Само влеговме во вреќите и заспавме. Беше мирно. Немаше сообраќај, ниту луѓе да вреват. Брановите удираа по карпите што го оцртуваа заливот. Конечно море. Кој знае да ужива, ова е бинго. Само се прешуштаме на моментот.


Сврти на наредна страница – Ден 12