Секој да засади по едно дрво и ете шума

Годинава складиравме над 100 желади и дваесетина костени. Желадите изртеа , сега почнуваат да растат во дрвца и во моментов ги делиме на сите оние кои ќе се пријават дека сакаат да се грижат за нив до следната зима кога е најпогодно да се пресадат на отворено…

Дрвата ги исековме. Парковите ги уништивме. Загадувањето расте. Не се дише. Децата немакаде да играат. Ако во зима се обидете да спортувате на отворено во Скопје ќе се онесвестите.Автомобилите владеат. Чадот е насекаде. Зеленилото го нема. Ќе го прифатиме тоа?

Не. Можеме да го смениме? Да! Како?

Сите ќе засадиме по едно дрво годишно.

Ако 1000 луѓе дома одгледаат по едно дрвце во 2016 , тогаш во 2017 ќе можеме да засадиме 1000 дрвца во градот. Сами, граѓански и солидарно. Замислете така да садиме секоја година. За 10 години можеме да имаме 10 илјади нови дрва во Скопје. Ако нема место за толку дрва, ќе ги садиме во околината. Насекаде. Знаете што? Ова веќе функционира.

Пред неколку години во очај од состојбата со дрвата во градот сфативме дека секоја есен насекаде околу нас на улиците имаме тони семенски материјал. Секој паднат костен, секој желад, секој хеликоптер од јаворите е потенцијално ново дрво. Ако знаете како да го израснете. Се изненадивме кога видовме колку пак тоа е лесно. Семките се собираат во есен, потоа се ставаат во кеса или кутија со земја и се чуваат во фрижидер. По нешто повеќе од два месеци семките почнуваат да ‘ртат. Тогаш ги садиме во мали хартиени саксии кои кога ќе гиставите во земја самите се распаѓаат. Од семките по две до три недели почнува да расте стебло. Ете дрво.

Лани така засадивме комбинирано повеќе од 40 желади, костени и јавори. Кога почнаа да растат ги поделивме на луѓе за да ги чуваат една година и потоа да ги засадат на јавни површини. Луѓето го направија тоа и сега ни праќаат слики од пресадените дрвца за кои продолжуваат да се грижат. Годинава складиравме над 100 желади и дваесетина костени. Желадите изртеа, сега почнуваат да растат во дрвца и во моментов ги делиме на сите оние кои се пријавуваат дека сакаат да се грижат за барем едно дрвце до следната зима кога е најпогодно да се пресадат на отворено. Ги чуваме една година со цел да им помогнеме полесно да го поминат летото кога жешкото сонце може многу лесно да ги исуши. По една година се смета дека дрвцата се посилни и поотпорнии може да преживеат студени и сушни периоди.

Најинтересно е што сето ова не нѐ чини ниту денар. Бесплатно е.

Само треба да им посветите 5 до 10 минути внимание на секои два до три дена. Луѓето кои лани чуваа дрвца веднаш се фатија на јадицата. Сега веќе самите складираат семкии делат дрвца на свои пријатели. Планот ни е годинава со помош на сограѓаните кои се вклучуваат во акцијата да израснеме 100 дрвца, а следната повеќе од 300. Секој ќе си го посади своето дрво и така ќе си ја вратиме шумата.

Акцијата на социјалните мрежи се води под хаштаговите #ШумаВоГрадот и #crowdplanIng 

Сите кои сакаат да добијат дрвце за кое ќе треба да се грижат најмалку една година може да сепријават на [email protected]. Кога еднаш ќе израснете едно, веќе нема да можете да се откажете. Верувајте, прекрасно е.