Понеделник, 25 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 8 (Нион-Мон Венту-Карпентрас 90 км)

Нов ден. Се вртиш и околу тебе насекаде лаванда. Ја гледаш и ја мирисаш. Беше сончево и не дуваше.

Претходни страници од книгата: Ден 7


Кога ја собрав вреќата видов всушност на колкав камен сум спиел цела вечер. Постојано ме бодеше нешто грбот. Точаците се тука. Ништо не фали. Облекување и одиме. Ова беше можеби единственото утро кога се собрав пред Јово. Тој постојано се жали и ме кара како тоа јас споро сум се собирал. Ама не сфаќа дека тоа е така затоа што јас секогаш имам повеќе предмети за собирање. Негово е само да ја собере вреќата и готово. Јас си имам други ритуали. Не брзам никаде кога не морам.

Додека го чекав преминав преку улицата да го видам дворот на куќата од спротивната страна. Тоа беше напуштена фарма за маслинки. Куќата беше во лоша состојба, се гледаше дека не е одржувано. Маслиновите насади беа обраснати со трева. Ако беше дење кога легнувавме сигурно дека ќе го одберевме дворот на куќата за кампување. Беше убаво тревнато место и рамно. Сепак и другоно место не беше лошо. Никогаш не знаеш.

Прво имаше едно симнување и веднаш угорница. На разминување се поздравивме со велосипедистот од другата страна на патот. Бон жур. Тој поздрав сакав да го кажам преку илјада пати за да го научам изговорот. Не ми одеше од рака. На сретселото застанав да го чекам Јово зошто го снема. Кога дојде донесе едно кило крушки. Супер доручек. Застанавме и да измиеме лице. Тоа беше едно многу убаво мало село. Сите куќи беа обраснати со ползавец. Сите беа зелени. Повторно почнаваме да се спуштаме. На таблите покрај патот пишуваше: Патот на кајсиите. Насекаде околу нас имаше плантажи со кајсии. Прекрсани села во околината со тврдини на ридовите. Тоа беше она што го видовме претходната ноќ, самошто беше темно.

Набрзо стигнавме во Нион. И изненадување. Градот се вика Нионс, а не Нион. Нион, седиштето на УЕФА е во Швајцарија, а не е Нионс во Франција. Требаше да ми текне. Да биде иронијата поголема тие два града се збратимени. Имаат исто име, покрај се. Веднаш влеговме во Карфур што се наоѓаше на плоштадот. Земавме нешто за јадење. Требаше да купиме доручек и уште најмалку два оброка, зошто околу Мон Венту нема некој голем град па има опасност да не најдеме голема продавница. Купивме и шампањ којшто треба да го отвориме на врвот што воедно ќе значи и крај и исполнување на целта на експедицијата. Ни стигна порака од Гоце. Веднаш му кажавме каде да дојде. Јас и Јово доручкувавме на плоштадот и тој дојде по некое време. Не можел да го убеди Марко да тргнат заедно. Марко објаснувал како не бил дел од експедицијата, туку само возел со нас. Требаше да дојдам до подножјето на Мон Венту да го дознаам тоа. Јас сметав дека сите треба да ја исполниме целта.

Навистина не можам да се пожалам на исхраната. Се храневме одлично. Го јадевме она што треба и сакаме да го јадеме. Така седејќи на клупата ни приоѓаа луѓе да не прашаат од каде сме. Мило им беше кога ќе им кажевме дека сме од Македонија. Таму ги поддржуваат луѓето што прават подвизи, посебно со велосипеди. Марко се уште го немаше. Решивме да тргнеме, но не знаеме на која страна. Според картава треба да тргнеме на север кон градот Гап. Така ми кажа и една госпоѓа со нејзиниот лош англиски. Но Гоце постојано инсистираше дека треба да одиме на југ. Но со оглед дека Гоце не погоди ниеднаш досега неговото мислење не го земав превид. Но исто така и со оглед дека се снашол сам од Русиново до Милано, требаше понекогаш и да го слушам. И овој пат беше во право.

Леле душа ми извади после тоа. Сто пати ми повтори дека требало да го слушаме него. Ја заобиколивме планината и излеговме во полето. Од тука веќе јасно се гледаше врвот на Мон Венту. Изгледаше исто како на сликите што ми ги покажуваше пријателот, една година пред да тргнеме. Планината навистина изгледаше моќно и застрашувачки. Затоа и го носеше името „Џинот од Прованса”. Барем времето е добро, си помислив. Нема да ни сметаат дождот или ветерот додека се искачуваме нагоре. Стигнавме до Малосен. Од тука ќе почнеме со искачувањето. Првиот план предвидуваше искачување од страната не Бедоин, но ја одбравме оваа зошто повеќе ни беше на пат и е потешка. До врвот на Мон Венту се доаѓа од три страни: Од Малосен, Солт или Бедоин. Сите се тешки на свој начин. Сепак, најпопуларно е искачувањето од Бедоин бидејќи турот најчењто оди од таму. Таа страна ја оставивме за некое следно доаѓање.

Малосен е мало гратче. Имаше илјадници велосипедисти. Сите беа тука да го искачуваат Монт Венту. Велосипедскиот Монт Еверест. Така барем тие велеа. Имаше многу продавници и места за изнајмување на велосипеди. Цените беа скапи. Навистина скапи. Сакавме барем да ја оставиме опремата тука некаде, да не ја носиме со нас. Ама не се охрабривме да прашаме. Башка, ако ја оставиме опремата тука ќе треба да се симнуваме по истиот пат. А сакав да направиме круг и да се симнеме во Бедоин. Ништо од тоа. Тргнавме кон патот што води до врвот. Наполнивме вода. Имавме купено нешто благо за по пат, и го ставивме кај мене. Не дека сме ѝ се исплашиле на планинава нешто посебно, но во ред е да ја почитуваме и да не ја потценуваме.

Времето беше идеално за возење. Немаше ветер, беше топло и облачно. Ние само треба да вртиме со нозете. Дојдовме до знакот на којшто ги пишува карактеристиките на искачувањето. Должина: 21.5 километри, висинска разлика од 1550 метри и просек од 7.5 степени. Јово одма почна да кажува колку тоа и не е нешто посебно. Мислам дека тоа го правеше да само да го намали значењето на нашата експедиција. Типично за него. Таман ќе почнам да се занеусвам дека правиме нешто големо и значајно, тој ќе речеше: има и потешки превои. Јово.

Тргнавме сите тројца заедно. Постојано се разминувавме со велосипедисти кои што веќе го имаа искачено врвот. Јас се одвоив уште на првиот свиок. Не дека возев брзо, туку дека овие двајца возеа поспоро. Очекував Гоце да биде спор, ама исто така очекував со Јово заедно да возиме. И така возејќи, по некое време Јово ме помина. Не ни помисли да ми се проклучи со темпото и заедно да одиме нагоре. Значи кога Јово ќе се заинати му нема спас. И веднаш се одалечи од мене. Го гледав на спротивната страна на долот. На првите километри се држев одлично. Предизвикот да се искачат сите овие планини прави да не чувствувате болка во мускулите. Да сум на некое друго место досега би паднал. Но се држев. Си имав пуштено музика. Си фатив ритам и готово. Ми помагаа и колите што ме поддржуваа. Посебна мотивација ми доаѓаше кога ќе видев некои со роуд бајкови кога одмараа покрај патот. Си мислев јас да ги имам тие точаци, би ја стопил планината. Вака, возам планински велосипед со широки гуми и товар од 30-40 килограми. Што ли сè немам во бисаѓите позади? Па си помислив: зарем ќе ја качам планинава без застанување? Во почетокот тоа ми изгледаше изводливо.

Покрај патот имаше жолти камени столбови коишто означуваат уште колку километри има до целта и просечната угорница во следниот километар. Некои делници беа и со просек од 13%. Патот пред тебе е прав. Никаде нема кривини. Ја гледаш угорницата и и се плашиш. Одвратно. Ама во тоа е предизвикот. Ако тоа го надминеш, повеќе нема предизвици за тебе во животот. Која угорница ќе ми биде тешка ако ја совладам оваа планина. Ако не и се уплашам. Полека времето почна да се влошува. Почна да врне ситен дожд. Оној ситниот што по цел ден врне и никако да преврне. Сакав да сликам додека возам. И така вадејќи го апаратот од џеб ми падна на земја. И тоа ми го прекина ритамот. Е сега дефинитивно нема да се искачам без застанување. Пробав да го вклучам апаратот но не сакаше да работи. Толку од него, го скршив. Ми беше криво дека нема да можам да сликам на најважниот дел од експедицијата. И дефинитивно излегов од ритам. Не можев да вртам повеќе.

По некое време ме стигна и Гоце. Значи ептен сум изгубил време. И полека, полека, рековме ајде заедно ќе си помагаме нагоре. Набрзо повторно влегов во ритам и пак му избегав на Гоце. На угорница секој си држи свој ритам. Ако се прилагодувам на неговото темпо можеби ќе изгубам. Затоа се одвоив. Некаде околу средината на патот го видов Јово како седи покрај еден знак. Беше целиот накиснат. Од вртење не сме осетиле дека дождот се засилил. Веќе бевме влезени во облаците. Застанав и јас. Се пресоблековме и јадевме нешто благо. Јово рече дека не му било добро. Шеќерот му беше на нула. Јадеше малку и се врати во живот. Се договривме да го чекаме Гоце. Отидовме во рестранот да се стоплиме и да наполниме вода. Јас и Јово бевме среќни и присебни, но кога дојде Гоце беше целиот изгубен. Беше нервозен заради дождот и исцрпен. Тој немаше ни јадено дента. Влезе во ресторанот и сакаше да нарачува за јадење. Го предомислувавме зошто беше многу скапо. Нека не се будали. Само е избезумен. Ќе се оправи. Одморивме малку и продолживме.

Времето се влоши уште повеќе. Сега сфативме зошто планината се вика Мон Венту-Ветровита Планина. Ветерот постојано дуваше од северната страна. Најчесто во гради. Тоа ни ја одземаше енергијата. Дождот што паѓаше претходно почна да смрзнува од студениот воздух. Веќе не се гледаше ништо од маглата. Значи, имаме ветер во гради, магла и смрзнат дожд во исто време и температура на воздухот под нулата. Веќе стигнавме на висина кадешто вегетацијата е многу ретка. Имаше само некои ниски грмушести растенија. Личеа на смреките кај нас. Можеби и беа смреки. И сите беа свртени кон врвот. Тоа значи дека ветерот постојано дува во тој правец. Одвртано. При врвот теренот целосно се менува. Има само камења. Повремено на патот ќе претрчаше по некој елен или срна. Само такви животни видовме. Видливоста се намали на неколку метри. Според мојата ориентација не бевме далеку. И оп, одеднаш пред нас е појави големата антена којашто е заштитен знак на врвот.

Стигнавме на Мон Венту. Имавме околу 4 часа возење до горе. Вклучително и одмарањето. Јово тврдеше дека не е ништо посебно и дека сме требале да го искачиме побрзо. Можеби да, но со други точаци и без товар. Најдовме место во завет и веднаш се пресоблековме. На нас ставивме се што имавме од облека, а беше суво. Не беше толку ладно колку што дуваше ветер. Но секако температурата беше околу нулата. Направивме еден круг да разгледаме. Илјадници велосипедисти и туристи со кампери. Штета што не ни се погоди времето. Од облаците не се гледаше ништо во околината. А утрото ветуваше незаборавна глетка од врвот. Застанавме да се сликаме под знакот што го означува врвот – Мон Венту 1912 метри. Благодарам за поддршката. Го отворивме шампањот да прославиме. Направивме мало видео, некоја слика, ја посетивме продавницата за сувенири и бегај надоле. Ладно е. Уште еднаш ќе кажам дека е штета што не ни се погоди времето. Но и под вакви услови го искачивме. Не и дозволивме на планината да не совлада.

И сега како награда ќе си се частиме долг стрмен спуст. На почетокот на спуштањето застанавме на споменикот на Том Симпсон, да оддадеме почит. Имаше секаков вид на сувенири коишто луѓето ги оставале тука. Ние ги напишавме имињата на еден камен и го ставивме до плочата. Всушност, Том Симпсон е велосипедист којшто умрел од исцрпеност во 1967 година. На тоа место паднал во бессознание и во задниот џеб биле пронајдени аспирини, или пеинкилери. Тоа во тоа време било забрането.

Продоживме да се симнуваме. Како одевме надоле така се стоплуваше. На овој спуст ја достигнав најголемата брзина на точак, дотогаш – 74,1 километри на час. Во принцип јас цвикам и се плашам да возам брзо на спустовите, но овојпат му се препуштив на адреналинот. Во моментот кога јас ја имав оваа брзина Јово ме помина како да стојам во место. Можеби се движеше со 90 км/ч. Лудо, навистина лудо. На патот имаше кривини од 180 степени, но имаше и долги правци. Милина за спуст.
Кога видовме дека веќе е топло, се договоривме да застанеме за да јадеме. Јово и Гоце се испогушкаа демек целта е постигната. На Гоце не му се веруваше дека се искачил. Сеуште беше замаен. Беше многу радосен. Она што го поставивме како цел за оваа експедиција беше исполнето. Последен предизвик беше Мон Венту. И тоа е веќе позади нас. Јово зготви малку колку да каснеме и продолживме. Сега веќе можеме да контактираме со Марко за да се најдеме. Тој рече едка ќе оди во правец на градот Карпентрас, па таму ќе се најдеме. Во подножјето на Мон Венту е градот Бедоин. Вистинско провансалско гратче. Насекаде околу насади со винова лоза и маслинки. На ридовите имаше дрвореди кои водеа до куќите во кои живеат сопствениците на тие имоти. На секој влез на градот имаше огромни дрвени или камени крстови, во чијашто основа имаше дупка како прибежиште. Исто како на филмот Пакт со волците. Бевме на едно такво место. Прованса е прекрасна. И се изнауживав. Гратчето беше мало, но полно со туристи. Претежно постари луѓе што уживаат во добро вино и сирење. Уживаат во мирот на Прованса. Тука навистина беше рајот за постари велосипедисти.

До Карпентрас стигнавме брзо. Патот беше удолница. На влезот на Карпентрас имаше еден огромен римски аквадукт. Беше на четири спрата и висок повеќе од 20 метри. Не се догледуваше колку беше долг. Марко беше во центарот во близина на старата катедрала. Е сега, ние прво требаше да го најдеме центарот, што не беше тешко. Но која катедрала? Има многу катедрали во центарот. Пак се вративме кон центарот и пак ништо. На крајот му рековме да се најдеме на излезот на градот што води кон Авињон. Така и бидна. Се најдовме и продолживме кон излезот. На неколку километри од градот се симнавме од патот и поставивме камп. И повторно на фарма за коњи. Самошто овој пат коњите беа позади оградата. Легнавме на една нива со пченица. Денот беше напорен и сакавме да спиеме. Каде и да е ќе легнам и ќе заспијам. Бев презадоволен од она што го направивме. Патот беше во близина и имаше многу сообраќај, но не ни сметаше. Си влегов во мојата вреќа и си заспав. Тоа беше само вториот ден кога сите четворица спиевме заедно на едно место. Прво после Торино.


Сврти на наредна страница: Ден 9