Промовиран Balkan Hiking Adventure – локален планинарско-туристички пакет

Изминатата недела во рамки на проектот „Одржлив туризам за поддршка на регионалниот економски развој во структурно слаби региони” беше промовиран пакетот Balkan Hiking Adventure – планинарски водич со повеќе мапи и патеки за неколку планински масиви во Македонија и регионот како и некои други новини во овој домен. 

Планинарскиот клуб Љуботен активно се вклучува во секоја инцијатива која има за цел креирање на оддржлив развој на регионот и на Македонија воопшто. Така, клубот поттикнува подигнување на свест кај локалното население во однос на здравите животни стилови и навики, спортот, економскиот развој преку туризмот, екологијата… Токму една таква иницијатива е и проектот поддржан од Германското Друштво за меѓународна соработка- GIZ , наречен „Одржлив туризам за поддршка на регионалниот економски развој во структурно слаби региони”.

 

Овој проект покрај останатите сегменти има за цел да ја поттикне регионалната соработка и токму затоа во него покрај планинарските клубови од Македонија се вклучуваат клубови и од Албанија и Косово.

Главниот производ од оваа соработка е Balkan hiking adventure, кој се состои од планинарски водич, 6 мапи за патеките поделени во планински масивни, телефонска апликација за Андроид и за IOS платформа, како и веб страна. Во рамките на Balkan hiking adventure во текот на 2015 година беа креирани и обележани 37 планинарски патеки на Шар Планина, Бистра, Дешат, Крчин, Стогово, Јабланица, Галичица и Баба. Од овие патеки 8 се транснационални, преку кои се поврзуваат пограничните зелени премини со што на авантуристите и планинарите им се овозможува при една посета да ги доживеат сите три земји.

Balkan Hiking adventures исто така нуди и сместувачки и угостителски објекти, места кои се поврзани со културното наследство, опис на биодиверзитетот на регионите итн. За да искуството биде уште побогато во рамките на овој проект беа реновирани и опремени 8 објекти. За да може секој еден кој сака да ги искуси природните убавини на овие три земји, проектот вклучи и обука на 15 млади професионални водичи во планина по меѓународниот ИМЛ стандард. За успешна реализација на проектот беа вклучени многу засегнати страни, меѓу кои приматот го земаа Македонската Асоцијација на меѓународни водичи во планина МАМВП, нашиот планинарски клуб Љуботен- Тетово, како и планинарските клубови Бурим Шар – Врањовце, Бистра- Гостивар, Дибра- Дебар, Црн камен- Вевчани, Димитар Илиевски Мурато- Битола и алпинистичкиот клуб Патагонија- Охрид. Планинарскиот клуб Љуботен доби поддршка за реновирање на планинарскиот дом „Љуботен”, како и планинската куќа Вешала.

Можеби еден од поважните сегменти за нашиот клуб е тоа што нашите Саше, Славчо, Тихе и Садик го завршија првиот дел од обуката за професионални водичи во планина. Им посакуваме целосна успешна реализација на истата и многу планинарски тури во иднина.