Во чест на легендата што замина

Даглас Томкинс, креаторот на „Норт Фејс”, „Есприт”, „Фондацијата Томкинс” и „Дип Еколоџи” беше еден од главните промотери на спортот во природа и заштитата на природата. Оддаваме почит и мал поглед кон прекрасната инспирирачка сторија за неговиот живот.

Секој љубител на планината, спортувањето во природа и самата природа знаејќи или незнаејќи бил под влијание на човекот легенда кој почина минатата недела.

Даглас Томкинс е име кое зад себе крие вистинска енциклопедија на создавање добрина на овој свет. На 9ти декември сепак токму преголемата љубов кон природата и спортувањето во неа го означи крајот на неговиот живот.

Трагична несреќа при кајакарење кое за брзо време се претворило во тешка спасувачка акција, е причината поради која креатерот на еден од најпознатите брендови за планинарските спортови го загуби својот живот. 

Има многу работи за кажување за овој човек, накратко издвојуваме само неколку кои можеби ќе послужат за поголемо истражување од ваша страна.  

  • “Колку повеќе го искусуваш надворешниот свет и природата, толку повеќе сакаш да ги заштитиш од експлоатација.”

Глобален промотер на планинарењето и спортовите во природа

Даглас Томкинс заедно со својот другар Ивон Чоуинард (најкул компанијата во светот)
уште во 60тите години на минатиот век започнуваат со својата мисија за глобална промоција и популаризација на планинарењето и спортовите во природа.

Како млади љубители во спортот кој во тоа време воопшто не бил популарен, (планинарите биле чудни за општеството во 60тите години од минатиот век и најчесто биле маргинализирани во општественото мислење), двајцата другари тргнале во остварување на своите соништа, да патуваат низ целиот западен брег на Америка почнувајќи од Калифорнија па до најјужните предели на јужна Америка, регион познат како Патагонија.

Целта на патувањето била сурфање, скијање, и качување по планини се до Патагонија, каде постои големиот предизвик, планина која дотогаш била искачена само 2 пати од планинарите во светот.

Во позадина, другата цел била документирање на целата авантура, од кое подоцна ќе направат филм кој би имал сличен ефект во промовирањето на спортот како тогашните сурферски филмови.

https://www.youtube.com/watch?v=dfdnytgpL98

Филмот наречен “Mountain of Storms” или „Планината на Бурите”, ги надминува нивните очекувања и постанува своевиден евергрин за љубителите на спортот во природа, поттикнувајќи многу луѓе да се заинтересираат за планинарење, скијање и слични спортови. (целиот филм го имате овде, новата документарка како инспирација од оригиналниот овде)

Претприемиштво и етика

Освен документарецот за епското патување кој служел за промоција на тоа што го сакале, тие создале вистински империи во бизнис светот, создавајќи ги можеби највлијателните аутдоор спортски компании.

Приказната за брендовите Норт Фејс и Патагонија започнува токму на крајната дестинација од нивното патување, планината Фритз Рој во Патагонија, каде за време на качувањето поради лошото време морале да паузираат 15 дена во ледена пештера. Додека чекале да се стабилизираат временските услови, двајцата другари ги дефинирале нивните бизнис цели и мотиви.

Денес The North Face и Patagonia се глобални мултимилионски брендови кои имаат огромен удел во бизнисот за спортска облека и опрема за во природа.

Даглас Томкинс неколку години по основањето на North Face го продава својот удел во компанијата и создава нова компанија за облека Esprit која понатаму се издига во глобална билионска компанија.

Но по скоро две децении поминати во бизнис работењето и неприфаќањето на постојаните неетички однесувања на луѓето од бизнис елитата, Даглас се решава да го продаде сиот свој удел од компанијата и да се посвети на вистинските вредности кои го следат цел живот. Екологијата, заштитата на природата и дивиот свет.

Длабок екологист и заштитник на природата

Кога се работи за екологија и заштита на природните пространства, Даглас Томкинс е човек кој му остави на светот огромно знаење, практики, заштитени природни резервати, национални паркови, мноштво органски земјоделски проекти и доста едукативни еко активистички проекти.

По одделувањето од бизнис светот разочаран од алчноста и големите неетички однесувања на бизнис елитата, Томкинс се преселува во Чиле, Патагонија, место кое цел живот го влечело кон истражувања и спортување. Богатството кое го стекнува од компаниите кои ги создал, се одлучува да го инвестира во создавање на Tomkins conservation фондацијата преку која се создаваат мноштво еколошки организации.

Откупува огромни пространства земјиште (отприлика една третина од Македонија) кои потоа се реставрирани и обновени до созавање на национални паркови. По сите поминати процеси за реставрација и заживување на дивиот свет кој живее во нив и по добивањето статус на национални паркови, тој ги подарува на државата Чиле за да бидат дел од националното богатство на земјата.

Добар дел од својот живот посветен на природата тој исто така го поминува во едукација и предавања за следната еколошка економија, и преминувањето од глобализација кон локални економии низ целата планета.

  • „На долг рок, екологијата и економијата се едно исто, ако е нееколошки тогаш е неекономски. Тоа е законот на природата. Луѓето сега функционираат со помислата дека тоа што е добро за нас самите треба да е добро и за целиот жив свет. Помисла која е тотално погрешна. Природата ни покажува на токму спротивното, тоа што е добро за целиот жив свет е тоа што треба да е добро за нас самите.”

Eден дел од неговата работа е прикажана во краткиот клип од patagonia: mile for mile.

Извори – 1. 2.