А револуција со велосипедски патеки низ Македонија?

“Македонија драматично се разви во последните години како резултат на зголемената побарувачка за велосипедизам, на што беше одговорено со многу велосипедски проекти кои создадоа тотално нова велосипедска инфраструктура низ целата држава.” звучи убаво реченицава?

БитолаНаТочак на својот фејсбук профил пред некој ден пушти еден многу квалитетен прирачник за велосипедски патеки, нешто што ни даде поттик да размислуваме

Прирачникот е полн со детални објаснувања како се планираат и дизајнираат велосипедски патеки низ урбаните места за надминување на проблематичните инфраструктурни ситуации. Милина за прелистување и астрални проекции…

Секој што сака повеќе велосипедски патеки во својот град треба да го прелиста и да се запознае со начините на создавање вело-патеки, не чекајте некој друг да седне и да испланира за вашиот град, бидејки ќе се изначекате.

Вистинското прашање што не мачи е како во целава Македонија да се направи мастер план и да имаме велосипедски патеки низ сите градови.

Прво нешто што ни падна на памет е да провериме што се случува во Европа, како и што се се прави таму. Малку пребарување по европската велосипедска федерација и пронајдовме многу ресурси, примери и начини за финансирање за вело-патеки.

Накратко, Европската велосипедска федерација има кампања за инвестирање 6 билиони евра во велосипедски проекти низ цела Европа за периодот 2014та – 2020та.

Во предходниот финансиски период од 2007ма до 2013та се потрошиле 600 милиони евра за велосипедски проекти иако биле достапни повеќе средства наменети за вело-развој. Тоа што недостигало е што државите од ЕУ не знаеле за што да побараат средства т.е. немале проекти за кои би барале финансии.

Најдобар пример за искористување на европските финансии била Унгарија како единствена земја која доставила национален план за велосипедски патеки и промовирање на велосипедизмот. Многу други земји од Европа можеле истото да го направат но немале испланирано национални проекти

Затоа, во сегашниот финансиски период 2014-2020та, eвропската велосипедска федерација има многу примери и ресурси од кои можат да се извлечат идеи и начини за создавање на велосипедски проекти во цела Европа.

Oва можеме да го искористиме и ние како земја кандидат и да добиеме финансии за вело-македонија. Финансиите од ИПА II програмата и програмата за преку-гранична соработка ни се достапни и со нив можеме да направиме многу квалитетна велосипедска инфраструктура во цела држава.

Сакаш велосипедизам? Сакаш велосипедски патеки во градот и во цела држава? Приказната започнува од тебе и твојата велосипедска дружина. Прегледај ги трите одлично смислени чекори од европската велосипедска федерација, со кои можеме да помогнеме во создавање на планови или усовршување на постоечката велосипедска инфраструктура во градот.

Приказот на сликава одлично објаснува како се зголемува ефектот за успешни вело-проекти од основната идеа до реализација.

Како пример ќе го земеме сегашниов повик за проекти од програмата за прекугранична соработка во кој можат да влезат и велосипедски проекти… Колку патеки ќе бидат направени со користење на овие средства?

 Замисли да можеме и ние за некоја година да се фалиме како Унгарија со 2200 километри велосипедски патеки… 

Од сите нас зависи…