Затопли куќа – Затопли стан

Програма за намалување на загадувањето на воздухот од домаќинствата и зголемување на квалитетот на живеење на граѓаните на Република Македонија.

Доколку човечките битија од македонскиот парламент (123 на број) сакаат да го намалат загадувањето на воздухот до нормални граници и воедно да го зголемат квалитетот на живеење на граѓаните на Република Македонија, ова би бил еден од најважните проекти за Македонија кои тие мораат да ги спроведат.

Ќе го наречеме – Затопли куќа, Затопли стан. Програма многу слична на „Купи куќа купи стан”, чисто колку за споредба и олеснување во размислувањето 

Во принцип програмата има за цел драстично да го намали загадувањето на воздухот кое се прави од домаќинствата при своето загревање во текот на грејната сезона. Во Македонија топлинската ефикасност во домовите во кои живееме е на прилично ниско ниво. Поради тоа просечно на секое наше домаќинство му е потребно доста енергија за да се затопли во ладните месеци т.е. правиме големо загадување за да се затоплиме.

Во нашата држава, иако сме во втората декада на 21от век, се уште постои голема енергетска сиромаштија т.е. неможност на домаќинствата да си ги задоволат своите енергетски потреби, квалитетно и достоинствено. Повеќе за оваа тема можете да прочитате во објавеното истражување направено од истражувачкиот центар Еко свест. 

Од друга страна Македонија достави обврзувачки договор до Обединетите Нации за справување со климатските промени, договор кој треба да се усвои на климатскиот самит во Париз, кој започнува на 30ти ноември.

Со тој договор се обврзуваме за многу поголема енергетска ефикасност во целата држава, а како огромен дел од таа ефикасност е топлинската ефикасност на домаќинствата. Имаме 15 години да го исполниме тоа што ќе го ветиме за неколку недели. 

За да го исполниме климатскиот договор, за загадувањето на воздухот да го намалиме до нормала, за енергетската сиромаштија да ја искорениме, за зелената економија да ја развиеме, квалитетот на живеење да ни се зголеми… потребно е храбро и заедничко согласување на сите претставници на граѓаните на Република Македонија да создадат финансиска програма за „Затопли куќа, затопли стан”.

Програмата мора да овозможи секое домаќинство во Македонија да достигне топлинска ефикасност од минимум A стандарди, нешто што се нарекува енергетски пасивен дом, во кој потребите за топлинска енергија се намалени до 80%. (замисли грејна сезона од 8 недели наместо сегашните 26 недели, и многу почист зимски воздух)

 

Секое домаќинство и станбен објект мора да постави:

  • Квалитетна изолација за добивање А топлински стандарди за покрив и ѕидови,
  • Замена на прозорци и врати со највисоки стандарди за топлинска пропустливост,
  • Инсталација на системи за топлинска дистрибуција во домот
  • Ефикасни и еколошки системи за греење (соларни колектори, топлински пумпи или печки за пелети)

За да го направи тоа секое домаќинство, потребна е финансиска помош од државата. Затоа „Затопли куќа, затопли стан” – програма за граѓаните на република Македонија која би била дефинирана вака (слично на „Купи куќа, купи стан”)

  • „Од државниот буџет се плаќа 100%  учество од еко кредит за подобрување на топлинската изолација и поставуање ефикасен еколошки систем за греење на куќа и стан, или најмногу 2.500 евра за еко кредит до 10.000 евра.

    Каматата за еко кредитот е субвенционирана и изнесува 4,5 % во текот на целиот период на отплата. Периодот на отплата е со можност до 15 години, со цел постигнување оптимализација и пристапност за исплата за секое домаќинство.”

Сакате чист воздух? Барајте субвенции од 25% за топлинска ефикасност од А класа за македонските домаќинства.

p.s. Цела Европа веќе имавакви програми, иако немаат супер дупер загаден воздух како нашиот… тука за повеќе инфо. 

Автор

Ekologika

Берово

Македонија