Аурата на еден Рекреативец

Имам сретнато претерано многу луѓе со волја за спортување, а посебно со волја за трчање. Ама тоа се луѓе само со Волја, и толку. Никако таа волја да биде претворена во пракса. Секогаш има потреба од час повеќе за спиење, време за гледање ТВ, за кафана, за кафич – но, никако дел од тоа време да биде жртвувано за физичка активност.

Во мене има спортско педигре на планинар, кошаркар, велосипедист и трчач. Сите се со аматерски-рекреативен карактер. Професионално не сум се занимавал со ниту една од овие дисциплини. Немам земано учество во ниту еден тренинг на било кој спорт. Во Основно училиште не бев дел од спортската секција. Не ме бива (а и не го сакам) фудбалот. Скијањето исто така не ми лежи (а и финансиски не можам да си го дозволам) но…

Имам големо искуство на планина во сите временски услови. На уличен баскет сум одличен на позиција-центар (187см), имам истрчано 5 полу-маратони и сега почнувам серизно да тренирам за планинарско трчање. Сето ова е сработено до 32 лето од мојот престој на овој свет.

Ниту едно од тие постигнување немаше да биде постигнато без ДИСЦИПЛИНА.
Планинарењето ми има создадено една вечна аура околу мене (тие кои играле Diablo II занаат на каква аура мислам). Нема шанси планинарењето да биде запоставено од мене.

Кошарката ја оставив настрана затоа што, искрено, немаше некој да ме предизвика под кошот. Не дека бев непобедлив, сум губел на кошарка како Леброн од Спарси во НБА финалето од 2015.

Планинарењето се случува еднаш неделно, некогаш и еднаш месечно (домашни обврски). За кошарката е ретко да собереш барем 9 луѓе, за да играме 3 на 3 барем половина час. Ако ме прашуваат мене, јас би играл секој ден.

Па…
Ми требаше рекреација која ќе ме предизвика до граница и полека ќе ме води чекори подалеку. Од тука произлезе Трчањето.

Спортска дисциплина која бара цврста лична дисциплина. Не влегов во трчањето за да си потрчнувам одвреме-навреме. Се фатив за ова оро за ги рушам моите физички граници. Од 2км тренинг, за 1 месец стасав до 10км, за 3 месеци 21 км.

Сето тоа со правилна исхрана, дисциплина и јака волја. И пак, никој не ме тренираше, никој не ми кажа како да тренирам и никој не ме предупреди за можни повреди од неправилно трчање. Сето искуство го добив од лекција trail and error (не знам македонска варијанта на ова)

2 години, над 1600 км, над 168996 калории изгорено.

На фотографијата ги нема патиките со кои почнав. Душата им ја извадив додека научив правилно да трчам. Со нив истрчав околу 550км за 5 месеци.

Дисциплината во комбинација со Волјата, Мотивацијата и поддршката која ја имам од сопругата се клучот на мојот аматерско-рекреативен успех.

Далеку сум од професионалец, но во мене има толку искуство собрано што навистина сакам да го споделам со тие што ќе налетат на моите текстови. Лекции и Мотивации збирам од професионалци во трчањето кои безсебично ги делат нивните лични искуство. Многу од тие личности имаат влијание врз мене без да знаат тие самите.

Една нивна слика со нивни успех, една реченица во нивен текст – знае да ме мотивира и да создаде моќна аура околу мене.