Сезоната на зимскиот воздух започна

Нова сезона се отвара за загадениот воздух, доаѓа зимата. Но oва не е апатија за загадување туку 5те супер моќи на обичниот граѓанин да го прати загадувањето во историја.

Прва супер моќ – Добро прегледај го сопствениот дел од загадувањето.

Сфати дека ти си дел од загадувањето. Секој од нас загадува помалку или повеќе. Директно или индиректно, сите ние колективно го правиме ѓубрето и во воздух и на земја.

Директно е се она што чади “на лице место” за нас, дали за греењето по дома, транспортот, па можеби и за готвењето (ајвар).

Индиректно е се она за кое некаде на друго место чади, дали за потребите од струја, за греење, достава на храна и други производи до компаниите од каде купуваме, количината одпад која ја фрламе годишно, настаните кои ги посетуваме…

Првата моќ е знаењето за својот удел. Направи еден еко тест. Клик тука.

Втора супер моќ – Домашно планирање и акција.

Кога веќе сликата е појасна за тоа колку секој од нас загадува и за кои потреби го правиме тоа, полесно се планира што да се промени. Клучот е да си го направиш животот поефикасен, колку си поефикасен толку животот ти е поквалитетен.

Направи еден мастер план за својот дом и животен стил. Подобри ја топлинската изолација на домот за помали трошоци за греење и ладење, замени ги сијалиците со поефикасни, намали го користењето на електричните апарати, готви во помали садови, храни се со здрава локална храна со помалку месо.

За транспорт, особено за секојдневни работни дестинации, користи јавен превоз, споделувај возило со некој друг или користи го велосипедот. Заинтересирај се за електични возила, тие не чадат при возење…

 

Трета супер моќ – Поддржи некоја еколошка група и организација

Секоја еколошка организација се мотивира да работи повеќе кога има нови луѓе кои сакаат да помогнат со отворено и креативно дискутирање. Спротивно на ова, мотивацијата да работат повеќе е помала кога има пасивност од општеството за кое се трудат да направат повеќе. Подршка значи:

Следење на еколошките организации на социјалните мрежи,
вклучување и активност во дискутирањето на информациите кои ги споделуваат, барање на повеќе информации,
посета на некоја еколошка организација,
барање за поголеми иницијативи…

Еве неколку за пример,

Македонско еколошко друштво, Охрид SOS, Еко свест, Go green, Ајде Македонија, За поубава и почиста Македонија, Електромобилност, Еко логик, Еко герила, За нас се работи и многу други.

 

Четврта супер моќ – Парите даваат можност да избереш

Сите купуваме производи и услуги со своите пари. Тоа е многу моќна алатка за еколошка промена во општеството. Тоа што го купуваш има влијание (добро, неутрално или лошо) врз околината. Сите еколошки проблеми кои ги имаме се резултат на лошо инвестирање на парите. Буквално сите, дали од нас како граѓани, дали од компаниите, дали од градот во кој живееме, дали од државата.

Ако сакаме да ја промениме еколошката ни ситуација во Македонија мора да купуваме производи кои намалуваат трошење на енергија, вода и материјали. Мора да купуваме производи и услуги од компании кои имаат еколошки стандарди во своето производство.

За жал кај нас не сме многу добри во тој поглед, економијата многу бавно ги прифаќа еколошките стандарди, но основната должност на секој совесен граѓанин е да го бара токму тоа, производи кои имаат еколошки ознаки што означуваат производ создаден со минимално влијание врз природата.

Како општество имаме моќ да ја направиме нашата економија зелена со тоа што го купуваме и со тоа што го бараме од економијата. Економијата го следи тоа што потрошувачите го бараат.

 

Петта супер моќ – Вклучување на децата во акција

Тие се оние на кои им оставаме еколошки хаос или чиста средина за живеење и тие треба да бидат подготвени да го движат општеството кон почиста и поздрава иднина. Родителот е учителот.

Затоа, носете ги во природа преку целата година, градските средини знаат да наметнат недостаток на природа во детскиот живот, погрижете се да не биде така.

Вежбајте екологија со нив, разговарајте и покажувајте им примери како да се грижат за својата животна средина. Факт е дека ние сега не живееме во здрави животни средини, имаме многу еколошки проблеми. Тие мора да живеат во многу поздрава средина. На следниов линк можете да најдете многу квалитетни едукативни информации за да разговарате и да ги учите децата на еколошко живеење.