Дали сте спремни за Шара?

Шарпланински скајрејс – Сеќавање на неговата бруталност

Ако сакате да ја измерите вашата физичка кондиција и ниво на издржливост, топло ви го препорачувам Шарпланински скајрејс. Трка во планинско трчање кое се одржува на Шар Планина со старт во Штрпце Косово а со финиш во Старо село Македонија. Трка во должина од 33км и позитивно висинко качување од 2450м, притоа со искачување на два Шарпланински врва (Пирибег и Љуботен), двата по 2500м.

На Шара не сум бил од дете. Како мал ме носеа на санкање на Попова шапка. Од тоа време поминаа 20тина години а јас Шара ја гледав на поминување, го гледав Љуботен од камениот мост и секогаш се восхитував на нивната мистика и моќ.

Со планинско трчање почнав неодамна. Сосема случајно и несвесно. Не сум сигурен зошто и како воопшто влегов во овој спорт. Можеби заради мојата постојана желба да ги поместувам своите граници на физичка и ментална издржливост, поради природата и престојот во неа или можеби поради луѓето кои се бават со овој спорт. Веројатно ова последново е пресудно.

Да се биде во друштво на планински трчачи е да си биде меѓу свои. Иста љубов, иста пасија, иста опсесија. Тоа се луѓе, секој со своја приказна, а толку блиски меѓусебно. Ослободени од стереотипите на општествена и социјална поделеност и сплотени во единството на спортот и заедништвото. Тука нема поделеност, нема суети, нема фрустрации.

Како што веќе реков, трката стартуваше од Штрпце на Косово. Мало место на југот на Косово. Кога пристигнавме и кога погледнав нагоре кон Шар планина, низ главата ми помина: Што правам јас овде, па јас не сум спремен за ова…! Веднаш се сетив на сите мои тренинзи во последниот месец и знаев дека не сум доволно спремен. Знаев дека не тренирав доволно и не тренирав правилно. Таа мисла не ми излегуваше од глава и сите маки што ги имав тој ден по пристигнувањето беа врзани со неа (лошиот или никаков сон, нефокусираноста, големата трема).

Ми се чини дека на моите другари едно 10тина пати им реков дека ме плаши временскиот лимит од 7 часа за кои трката требаше да се заврши. Меѓутоа понесен од нивниот позитивен дух речиси и ме убедија дека нема шанси да не успеам. 

Ноќта се мачев да заспијам и претпоставувам дека не сум спиел повеќе од два часа. И покрај слабиот или никаков сон утрото се разбудив свеж. По завршените утрински ритуали и пакување се појавивме на стартот. Нови дилеми, нови недоумици. По природа сум човек што е многу скромен и реален.

На местото на стартот ги видов сите тркачи. Кој од кој. Каде и да се завртиш гледаш познати лица за кои знаеш дека екстремно спремни луѓе. Низ глава одново ми поминаа милион оправдувања од неуспех: ненаспанопст, недоволен тренинг, страшниот плускавец кој го „добив” 4 5 дена пред трка заради новите патики и ред други. Времето одминуваше, 5минути пред стартот. Почнав да се загревам и некако полека тремата ја снемуваше. Неколку минути пред стартот добивме информации за временската прогноза. Бевме предупредени за непредвидливоста на Шара и за можното невреме околу 4тиот час од трката, токму во моментот кога би биле на сртот на планината, ни ваму ни таму. Уште неколку технички информации и потоа, СТАРТ.

Како да ви кажам за Шара? Не познавам друга таква планина со толку многу контрасти. Од питоми ливади и шуми до голи карпи и камења. И сите овие контрасти ги искусивме. Тргнавме низ населба, па низ шума, па низ скијачки центри и на крај на преку 2000м надморска висина каде што нема ништо освен ние и нашето трчачко лудило.

Тргнав со споро темпо. Ги следев советите на луѓето кои се подолго во овој спорт. Си дадов време да влезам во ритам. Бев последен првите километар или два. Потоа почнав да стигам луѓе кои се префорсирале или кои успориле кога сфатиле дека трчаат на адреналин. Трката не е ни почната а тие се веќе задишани како да е крај. Подзастанале кога сфатиле дека трката е во постојан успон во првите 16 км се до врвот Пирибег.

Поминувајќи тркачи видов дека пред мене е Димитар од СНР а тоа отприлика значи дека сум на добар пат. Димитар е отприлика спремен колку и јас. Трчавме заедно. Потоа го сретнавме и Игор Карас. Искерно се збунив кога го видов. Очекував да биде многу понапред. Игор е многу поспремен од нас двајцата но заради некои повреди кои ги имаше во последно време не беше во најдобра форма. Во овој состав трчавме се до Пирибег. По пат за првпат сфатив како е да се нема доволно кислород заради висината. Давате се од себе но заради недоволната аклиматизираност едноставно телото не оди.

Кога стигнавме на Пирибег, времето беше перфектно. Прекрасен поглед од 2500м надморска висина. Никогаш порано не сум бил на таа висина. Важни беа две работи. Прво, живи сме и второ го фативме лимитот од 3 и пол часа. Си реков сега до Љуботен е лесно. Само по срт. Така ми рекоа пред трка. Ова можеш и да го трчаш. Се слагам. Може, ама не и јас.

Ми требаа 15тина минути за да почнам да трчам. Можеби поради лошиот избор на храна на контролната точка а можеби и поради висината. И понатаму бевме на 2400 метри. По некое време телото влезе во ритам и со Игор полека се издвоивме. Димитар остана назад со истите проблеми како и моите, плус Димитар трча и слика паралелно, ужива во природата.

Со Игор малку трчавме, малку муабетевме, малку уживавме и често одмаравме. Во некоја од овие фази ја промашивме маркацијата на патеката и наместо кон Љуботен сме тргнале нагоре кон Косово. Во истиот момент се дигна и магла на Шара и патеката се затвори. Да не беше искуството и прибраноста на Игор мислам дека ќе ми требаше многу подолго време за да се вратам и да ја најдам патеката. За среќа Игор успеа да ја забележи патеката некаде долу под нас. Успеавме да и пристапиме на патеката откако пресековме неколку долови, трчавме по изохипса и се тркалавме удолу. Важно беше дека се вративме на патеката, не изгубивме многу на време а пред нас беше Љуботен со сета своја моќ.

Поглед кон часовникот, половина час пред лимитот. Добро е, има време. Под седлото на Љуботен не пречекаа како да сме народни херои. Со свирчиња, скандирања и овации. Искрено не освежија. Тие што не биле на вакви трки не можат да сфатат колку многу значи да видите насмеани и ведри луѓе околу вас. Половина болка ви ја снемува. Чудо.

Е сега…Љуботен. Просечен успон 37% максимален 51%. МНОГУ! Се сеќавам на смеењето на Игор кога рече: Гледај ги како стојат на успонот. Навистина беше смешно. Тргнавме заедно угоре. Повторно поминуваме тркачи. Посебно оние кои немаат никакво искуство со вакви трки и со висински качувања. И покрај искуството во трчања маратони и полумаратони ова едноставно бара друг тип на тренинзи. Ова е друг спорт. Нејсе.

Некаде на една третина од патеката кон врвот Игор одново имаше проблем со повредите. Се договоривме, се чекаме на врвот. Стигнав на врвот притоа поминувајќи неколку натпреварувачи. Кога стигнав на врвот се почувствував како победник. Готово си реков. Бидна.

Погледот од Љуботен не се опишува. Треба да сте таму и да бидете таму, со срце, тело, ум. Да го доживеете. Да си дадете минута две за себе, во себе. Горе нема ништо, ама има сè. Сè што мене ми треба. Мир, спокој, духовна исполнетост. Љуботен ми го даде тоа што го барав. Во исто време се почувствував и горд на успехот но и исто така и ослободен од него или од можниот неуспех. Се почуствував и голем но и помал од зрно песок. Да се биде опкружен со природа стара илјадници години ве прави да се чувствувате поврзано со неа, но и неверојатно минливо во споредба со неа.

Стигна Игор. Одмори и тој малку а потоа мојот најслаб дел, спустот. 11км спуст за мене се еднакви на чиста агонија. Плус низ камења и карпи. Тргнав полека и застанував на секој 500 метри за да одморам. На Игор ова му одеше полесно. Полета надоле. Јас се мачев. Паѓав и се сопнував. И одново трчав. Телото ме болеше. Најмногу стапалата. Си реков стигнав до овде, нема враќање.

Стигнав до контролната точка кај планинарскиот дом Љуботен. Познати лица, ведри и насмеани. Игор ме чекаше. Се договоривме, одиме заедно до крај. Уште само 7км.
Патот од домот до Старо село е широк земјен пат. Не е стрмен и по него се трча без проблем. Се разбира за тие што можат. Ние можевме ама споро. Некако се дотркалавме до 1 км пред селото. Погледнавме на часовникот и сфативме дека мораме да побрзаме ако сакаме да го фатиме лимитот на трката. Летнавме удолу, влеговме низ селото а потоа пред нас се појави финишот.

Се затрчавме кон него како трката сега да почнала. Такви овации и навивања не сум добил во живот. Ете затоа ги сакам треил тркачите. Сите се победници од прв до последен. Влез на цел 6часа 49 минути 41 секунда. Лимит фатен. Место 25то од 100тина пријавени а од кои само 32 финишираа на време.

Си честитавме со Игор на неверојатниот успех. Навистина мислам дека беше голем успех. Посебно за мене. Веднаш дотрча целата трчачка банда на чело со Јоцо, Пирко и нашата мажуретка Тена. Честитки, гушки, бацки и убави мисли.

Ете така беше на Шара. Не знам дали успеав да доловам што навистина се случуваше во мене и околу мене. За мене е незаборавно искуство и голема спортска и животна лекција. Лекција која ме научи дека човекото тело е одраз на границите кои умот ги поставува.

Автор

Kire Dimoski

Скопје

Македонија