Штафетна поддршка за лицата со Вилсонова болест во Македонија

Во сабота на 03.10.2015 на кејот на реката Вардар во Скопје се одржа хуманитарна штафетна трка за поддршка на лицата со Вилсонова болест во Македонија!

Целта на овој настан беше да се подигне свеста на јавноста за Вилсоновата болест, да се поттикне социјалната вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест, како и да се поттикне што повеќе луѓе да рекреираат и да ја подобрат нивната општа психофизичка состојба.

Вилсоновата болест е генетско метаболно нарушување, ретка болест со не повеќе од 20 познати случаи во Македонија. Се карактеризира сo неможност на организмот за исфрлување на вишокот на бакар, кој поради тоа се таложи во црниот дроб, бубрезите, мозокот и други органи, и доколку не се лекува, може да заврши фатално. Сепак, Вилсоновата болест е уникатна кај генетските заболувања – таа може успешно да се лекува. При времено откривање на болеста и редовна (доживотна) терапија, пациентите со Вилсонова болест можат да имаат нормален живот, со минимални диететски рестрикции. Извор на текстот – Здружение за поддршка на лица со Вилсонова Болест и нивните семејства во Македонија.