Македонија со одличен настап на 6-то Балканско Сквош првенство во Белград

На шестото Балканско тимско првенство во сквош кое се одржуваше на 25-ти и 26-ти септември во Белград, Србија, учествуваа 8 репрезентации во машка конкуренција и 6 во женска.

Македонија учествуваше само во машка конкуренција, а екипата ја составуваа Кирил Сотировски како прв, Стефан Шишовски како втор и Горан Панев како трет рекет.

Во машка конкуренција победи репрезентацијата на Хрватска по победата во финалето над Словенија, со 2:1, додека за трето место екипата на Бугарија заслужено го победи домаќинот и се закити со бронзениот медал. Во женска конкуренција, по пресврт во финалето, победи репрезентацијата на Словенија со 2:1 над Грција, додека домаќинот Србија и во оваа конкуренција остана покуса за медал по поразот од Хрватска во борбата за трето место.

Уште пред првенството се претпоставуваше дека главните претенденти за медали во машка конкуренција се репрезентациите на Хрватска, Бугарија и Словенија, со мали шанси за изненадување од подмладената репрезентација на Србија. Мора да се истакне дека во сите натпревари меѓу овие репрезентации одлучуваа нијанси, а често пати и пријавениот состав од тројца натпреварувачи имаше одлучувачко значење. За жал, екипата на Македонија го немаше тој луксуз да тактизира со четврт натпреварувач, и евентуално да ги одмара Сотировски или Шишовски во натпреварите со поквалитетните репрезентации, за да бидат со повеќе шанси против репрезентациите од вториот ешалон, односно Романија, Молдавија и Турција.

Така, нашиот петкратен државен шампион, ветеранот Сотировски, го загуби првиот сет против одличниот прв рекет Лучан од Романија со 14:12 иако имаше две сет топки, за во следните два сета да биде убедливо поразен. Против Дубровин, првиот рекет на Молдавија, Сотировски го освои првиот сет, за да му се случи драстичен пад до крајот на мечот за пораз од 3:1. Панев испушти дури 5 врзани меч топки во одлучувачкиот петти сет против четвртиот рекет на Молдавија, и тоа не му е првпат на официјални натпревари да попушти во самиот финиш на мечевите.

За среќа, нашите репрезентавци најдоа сили во последниот натпревар да постигнат победа против екипата на Турција, за која на тој меч не настапи нивниот прв рекет Мустафаоглу. Сотировски ја донесе Македонија во водство по заслужената победа од 3:1 над Хидајетоглу, вториот рекет на Турција, иако потешко од очекуваното. Нашиот втор рекет Шишовски, инаку актуелен победник на Купот на Македонија од 2014г., замалку ќе потклекнеше под притисокот на важноста на неговиот меч против Јилдирим.

По водство од 2:0 во сетови (11:9 и 12:10), му дозволи на третиот рекет на Турција да се врати во натпреварот и да изедначи на 2:2. Во одлучувачкиот петти сет, Јилдирим во еден момент водеше со 7:4 во поени и навидум ја презема иницијативата. Сепак, Шишовски во последен момент се созеде и во полна концентрација со неколку сјајни поени и поактивно позиционирање заслужено го победи објективно послабиот противник со 11:9. По оваа победа и водството на Македонија од 2:0, последниот натпревар на Панев немаше резултатско значење, но против објективно посилниот Шенкал, тој немаше шанси за изненадување. Седмото место на Македонија во конкуренција на 8 репрезентации не претставува некој особен успех, но имајќи ги предвид бројот и профилот на активни натпреварувачи како и бројот на сквош сали во земјите на Балканот, првата репрезентативна победа, и тоа против Турција, не е за потценување.

Оваа победа е главно резултат на индивидуалниот ентузијазам и мотивираност на нашите репрезентативци, а се чини дека со поизедначен состав, и со четврт натпреварувач во тимот, Македонија ќе имаше објективни шанси за пласман до 5 место.

Иако втори, составот на Словенија најави дека во иднина ги очекуваат значајни успеси, бидејќи се работи за многу млад состав (Хафнер, Петернeљ, Демшар), предводени од Мошник. Убава иднина се предвидува и за јуниорот Роко Вонцина од Хрватска, кој беше јунак на финалето против Словенија и ја донесе клучната победа.