ШТО Е ТОА ББ Мотивација?

21 век… Најнов период… Сегашност… Време на развиена технологија до степен на научна фантастика. Време на развиена индустрија, техника, алатки за комуникација и многу други нешта. 

Време на дразнење на најгнасните човекови особини: его, желба за моќ, желба за власт, манипулација, квантитет на материјални добра, финансии, кариера…Само ти остануваш приземен. Верен и достоен на единственото нешто што те прави среќен, свој, исполнет и слободен – ЖЕЛЕЗОТО.

Што е тоа што те прави толку гладен, толку различен од масата, толку приврзан кон суровото железо, покажувајќи му верност поголема и од онаа опишана во сказните?Што е тоа што те тера да ја будиш зората, сечејќи го возухот при својот раноутрински прв тренинг, влажнејќи ја земјата со својата утринска пот, уживајќи во друштво со самиот себе, додека сите останати се во фаза на најдлабоко сонување?

Што е тоа што те охрабрува да бидеш најдобар меѓу најдобрите, извршувајќи ги секојдневните обврски со ласерска прецизност и умешност, покажувајќи завидна одговорност, фокус и посветеност? Што е тоа што ти дава сила да продолжиш напред, преминувајќи преку најтешките животни бариери? Скршено срце, невозвратена љубов, загуба во семејството и слично, се само некои од ужасите што животот знае да ти ги приреди, потсетувајќи те дека и ти си само обичен патник на бродот, без право на помилување. И ти, како и останатите крвариш одвнатре, плачеш со срце и душа, врескаш одвнатре, но не застануваш.

Таму, каде што останатите паѓаат, при препреки заради кои би посегнале и по сопствениот живот, заради кои се целосно изгубени и не знаат како да продолжат, таму ти преминуваш, рушејќи ги сите препреки и ѕидови. Што е тоа што ти ја дава таа сила, таа храброст и таа умешност да продолжиш преку непроодните ѕидови, каде што сите останати запираат? Што е тоа што те составува кога си разнесен на безброј парчиња? Што е тоа што ти ја дава утехата кога ќе бидеш изневерен, давајќи ти сигурност дека е секогаш со тебе и дека никогаш нема да те изневери? Што е тоа што те тера, во доцните вечерни часови, кога сите се на некое удобно место, во центарот на својата комфортна зона, да вршиш тортура на своето тело, во борба против гравитацијата, повторно и повторно, до степен на лудило и фанатизам, предизвикувајќи експлозија на секое едно мускулно влакно, предизвикувајќи го телото преку потта да ја извади сета нечистотија наталожена од оваа луда реалност?

Што е тоа што ти ги одговара сите прашања и е единствената вистина помеѓу сите лаги?Не знаеш што е! Само знаеш дека поинаку нe знаеш! Дека го поседуваш и дека заради тоа си единствен, различен, омразен или обожуван. Нема да спомнам ништо. Само, со блага насмевка на лицето и знак на потврда ќе кажам: “Те разбирам. Не си сам иако си малцинство. Продолжи. Негувај го, чувај го. Нека те води и понатаму. Тоа е бесценето”.

Автор

Igor Ristovski

Скопје

Македонија