Најтешкиот проект

“Хм, види го! Се надул и си мисли дека е фаца”. “Кој знае на што е!” “Јас не сакам волку. Ако сакам можам”. “Нарцис. Со овој/оваа гарант не можеш ниту муабет да направиш”….

Но дали е ова навистина вака?

Се чини дека главниот проблем во недоразбирањето помеѓу луѓето, одсекогаш била лошата комуникација и предпоставките.
Зошто секогаш кога во видното поле ќе ви се појави човек со убава физичка фигура, нешто од внатре ве тера да давате коментари како погоре напишаните и слични на нив, притоа гушејќи се во сопствените фрустрации и страдајќи од комплексите што предизвикуваат душевна болка?

Реалноста всушност, е сосема поинаква од предпоставките.
Така на пример, додека тој/таа поминува, а вие се гушите во сопствените предпоставки, тој/таа воопшто и не рамислува за вас и тоа дали вам ви се допаѓа или не. Најверојатно размислува дали денес си ги припремил сите оброци по ред, дали ќе стигне на време да си ги заврши предвидените обврски, што има денес за вежбање и слично. Веројатно дури во тој момент и во главата си прегледува некои мисли што го/ја мотивираат.
Не е на ништо односно е на се, а најмногу на дисциплина и посветеност – неговите главни оружја во патувањето низ својата пасија.

Секако дека секој би сакал “толку” па дури и повеќе од тоа, но не секој ги има потребните алатки за постигнување на таков резултат, а успехот тешко се простува.
Спортистите се своевидни совршени проект-менаџери. Додека секој физички проект, во било која научна област е инициран од идеја и има за цел да донесе одреден профит и подобро/полесно живеење за мнозинство луѓе или цело општество, подобрувањето на психофизичката кондиција е од сопствен карактер. Ако на првото работи цел тим (проект тим) и притоа сите размислуваат во насока на избегнување на ризичните настани и намалување на ризик-факторите, спортистите на второто се борат сами, а притоа се соочуваат со безброј препреки и предизвици. И ако секој проект има точно предвидена временска рамка на реализација, кај спортистите тој проект трае до последниот животен здив.

Овде би ги опфатил поконкретно спортистите кои се занимаваат со телоградба, популарно наречени бодибилдери или фитнес атлети, бидејќи токму кај нив е најизразен физичкиот изглед, а со тоа предизвикуваат и најголемо внимание.
Тоа се индивидуи кои работат на најтешките животни проекти. Тоа се оние кои ја предизвикуваат логиката и и пркосат на природата, предизвикувајќи ги на двобој најсилните и најосновните животни инстинкти, постојано покажувајќи и докажувајќи ја моќта на човековиот ум, моќта на човековата желба и неверојатната способност за фокус.
Човечкото тело представува “машина за преживување”. Ќе направи се само за да остане во комфортната зона.

Овие луѓе тоа го побиваат, работејќи упорно, напорно и постојано на најтешкиот проект од сите – промената на физичкиот изглед.
И додека обичните луѓе, зад мускулатурата гледаат само сурова сила, грубост, ниска интелигенција и ред други карактеристики, вистината е сосема спротивна. Тоа се надлуѓе. Титани во своето време. Тоа се личности кои ги поседуваат и негуваат најмоќните и највредните човечки особини и карактеристики како што се дисциплината, желбата за успех, љубовта кон самите себе, упорноста, посветеноста, храброста…итн.
Тоа се луѓе кои секој би ги посакал во своја близина. Луѓе кои се искрени, посветени и максимално фокусирани. Не постои задача или работа што доколку посакаат нема да можат да ја завршат, во било кое поле од животот и во било која работна област.
Затоа, кога следниот пат ќе здогледате некој набилдан маж (или жена) наместо да се гушите во омраза, предпоставки и коментари, обидете се да му проговорите. Ќе се изненадите од она што ќе следи, а нема да претерам ако кажам дека постои можност и да ви се промени животот. На подобро, секако.