Објавен датумот на скопската REEL ROCK 10 премиера!

Конечно го и имаме датумот за јубилејно десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја и премиерата на овогодинешното скопско REEL ROCК издание. REEL ROCК 10 во Скопје ќе се случи на 21 октомври во киното Фросина.

Овојпат со уште побогата локална програма и уште пет документарни филмови за највозбудливите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, REEL ROCK 10 ќе биде вистинското место за посветените качувачи и љубителите на карпите и високите снежни планини.

REEL ROCК проекциите ги прикажуваат најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот и се духовни настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на REEL ROCК настаните секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувања… чиј дел ќе го има и на овој настан, а целосната програма за скопското издание ќе биде објавена наскоро.

Ова е втора година на претставување на традиционалната REEL ROCК филмска турнејата, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови во Скопје. Минатата година за прв пат македонската публика имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе долго очекуваниот и наградуван документарен филм ‘Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен.

Минатогодишниот филм “Valley Uprising” во кој се претставија качуваките легенди на Јосемити Дин Потер, Алекс Хонолд, Лин Хил, Џим Бридвел, Ројал Робинс, Ворен Хардинг, Џон Бакар, Чонго Чак и многу други, беше еден од најголемите филмови произведени досега за овој култен американски качувачки локалитет, прикажувајќи ја неговата историја и качувачите на забавен и возбудлив начин, а коментарите и реакциите на публиката, воедно и дополнителните награди кои филмот ги доби, се едноставен доказ за тоа. Тој се здоби со главна награда на фестивалите Banff Mountain Film Festival, Kendal Mountain Film Festival, Ladek Mountain Film Festival, Torelló Mountain Film Festival, Danish Adventure Film Festival, Krakow Mountain Festival, Mendi Film Festival, да наброиме само неколку.

Токму со овој влијателен филм и Скопје го започна своето патешествие во рамките на REEL ROCK турнејата, со што и нашиот град стана едно од качувачките жариштата, на исто ниво како и повеќе од 500 градови низ светот каде се случува оваа најзначајна качувачка прослава.

Оваа година со REEL ROCK 10, Скопје ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како што се Дин Потер, Томи Колдвел, Алекс Хонолд или Кевин Јоргесон!

Листата на достигнувањата кои ќе бидат прикажани на десеттото издание на REEL ROCК во документарен формат можете да ги проследите овде.