Спортски дилеми

Кој е соодветен вид на тренинг за вашето тело

Без разлика дали вежбате рекреативно или професионално, секогаш е најдобро да ја пратите вашата цел. Кој е вашиот мотив?

Доколку се стремите кон подобро здравје, позитивно расположение или подобрување на базалниот метаболизам вистински избор за вас е кардио тренингот. Овој тренинг е најдобро да се практикува секој ден по 30тина минути или 3-4 пати неделно од 45 до 60 минути во еден тренинг. На овој начин ќе го зацврстите вашето здравје и ќе ја задржите вашата првобитна форма во која се чувствувате удобно.

Во кардио тренинзите спаѓаат сите видови на активности кои вклучуваат зголемување на интензитетот на работа на срцето како што се: трчање, пешачење, возење велосипед, орбитрек, степер, аеробно скокање (аеробик), танцување (зумба), планинарење, пливање итн.

Со дел од аеробните спортови може да подобрите одреден дел од флексибилноста на вашето тело, на пример : со трчање опфаќате поголем дел од мускулните групи, воедно работите на вашата стамина, брзина и кондиција ; пешачењето е одлично за постарата популација, но е исто толку добро за младите. Со практикување на брзо одење во поголеми временски интервали е препорачливо за зацврстување на ‘рбет и подобрување на посериозни проблеми во однос на кичмата. Со возење велосипед давате акцент на долниот дел на вашето тело – карлица, нозе, задник, доколку пак орбитрекот се користи како одличен спортски реквизит во случај на повреда на колената. 

Степерот е совршен за понежниот пол за зацврстување на глутеусите и истакнување на женската силуета, а за разлика на тоа аеробикот е тренинг со кој поставувате нови граници на издржливост, намалувате на килограми (при редовно практикување) и зацврстувате одредени делови на телото – во зависност од начинот на кој овој тренинг го употребувате и колку инструкторот дава акцент на одредени мускулни партии во текот на еден тренинг. Танцувањето (зумба), слично како аеробикот, покрај тоа што троши калории, помага во логиката со ритамот и ветува забава во која нема ни да го приметите напорот кој го вложувате во самиот тренинг. Планинарењето е навика која бара континуитет, а ветува безброј предизвици и себе-совладувања – секако одлична навика за намалување на вишок килограми и подобрување на имунитетот. Пливањето пак, како дисциплина која ве воведува во совршена хармонија поради самата природа на спортот влкучува сооднос на аеробните движења, сила, стамина и го доведува вашето тело до издржливост за која ни самите немате претстава дека е возможно да се достигне.

Во секој случај, најдобро е кога се практикува комбинација на аеробни тренинзи со тренинзи за сила 3 до 4 пати во неделата на правилен начин, со конкретен фокус и одредена цел.

Вежбите за сила (Пилатес вежби, дел од вежбите на P90X и Insanity) се всушност комбинација од основниот Фитнес кој некои луѓе сакаат да го практикуваат на машини, некои со сопствена тежина, некои пак со тегови (бучици). Тоа што е доста интересно е дека со одредени вежби кои може да ги практикувате во склоп на Пилатесот се опфаќаат помали мускулни партии кои всушност со основниот Фитнес не можат да се опфатат, но и обратно. Флексибилноста и грациозноста е исто дел од придобивките кои ве пратат со практикување на Пилатесот.

Тоа што може да го пренесеме од нашето искуство како инструктори во реномираниот Фитнес и Аеробик Клуб за жени “60 Минути” и докажаните научни факти е дека комбинацијата на аеробните вежби со вежбите за сила е совршена за секој човек. Овој склоп на вежби ветува целина која со сигурност ќе ги вроди резултатите кои ги посакува секоја жена. Затоа, доколку се двоумите што да изберете еве предлог: пилатес + фитнес (кардио), аеробик + пилатес, фитнес (машини) + аеробик итн. Направете одличен сооднос за да ви донесе видлив резултат. Бидете посветени, редовни и дисциплинирани. Како во сала, така и во кујна. Не претерувајте со било кои видови на храна и секогаш имајте план по кој ќе се водите. Доколку планирате однапред нема да имате простор за изговори од типот на: немав време да подготвам, неможев да најдам, заборавив да купам итн.

Автор

60 Minuti za nea

Скопје

Македонија