Македонски TREX на Лаваредо Ултра Треил 2015

Овој викенд, шестчлена екипа на планински тркачи од клубот TREX ќе бидат дел на една од најубавите и најтешките трки во планинско трчање во Европа, Лаваредо Ултра Треил кој се одржува на Доломитите во Италија.

Lavaredo Ultratrail претставува настан составен од неколку планински трки кои се трчаат околу планинскиот венец на Доломитите, поконкретно во регионот Кортина Д’Ампецо и националниот парк Тре Чиме. Настанот се смета за еден од најубавите и најинтересните трки во планинско трчање во Европа и несомнено претставува празник во летниот период за овој регион во кој спортскиот туризам е развиен на високо ниво.

Настанот е составен од три трки кои се одвиваат во последниот викенд од јуни, Лаваредо Ултра Треил, најтешката но и најатрактивна 120 километри долга планинска трка која искачува 5,850 метри висина и поминува низ најубавите предели на два национални паркови и околу самата Кортина. Кортина Треил, помалото сестриче на Лаваредо која е со должина од 47 километри и 2650 метри висинска разлика и Кортина Скајрејс со должина од 20 километри и 1000 D+.

Оваа година во дружба на едни од најдобрите планински тркачи на светот ќе биде и македонската шестчлена екипа на TREX и ПСД Макпетрол која ќе настапи дел на Лаваредо, дел на Кортина.

Тања Пенева, Јовица Јованчев и Дејан Крле кои ќе учествуваат на Лаваредо и Тања Манчева, Мартина Милева и Игор Јовановски кои ќе бидат дел од Кортина Трејл. Стартот на Лаваредо е вечерва, петок 26.06 во 23 часот, а на Кортина е утре 27.06 со старт во 8 часот. Тимот е придружен и од екстремно важната логистика составена од Христена Јованчева и Лазе Здравев.

Сите кои се заинтересирани за следење на резултатите во живо (од контролна до контролна точка) можете да побарате на следниот ЛИНК.

Атмосферата овие денови пред трката и во тимот е одлична, Кортина врие од убави ликови и енергија од целиот свет и сите се во исчекување на стартот. После подигнување на бројчињата тимот имаше можност да се сретне со Тимоти Олсон и Фернанда Мациел едни од главните фаворити во конкуренција за Лаваредо.

Од првиот впечаток при запознавањето со овие атлети и големи спортисти тимот беше воодушевен од нивната скромност и едноставност. Овој дел од репортажата од Доломитите го завршуваме со мисла од Тимоти Олсон за овој спорт:

„Трчањето е мојата уметност, а планините моето платно. ”

Во продолжение погледнете го видеото од минатата година да добиете осет за што се работи 

Плус уште некоја фотка

 

Автор

TREX

Скопје

Македонија