Водите на Шар Планина

Водното богатство на Шар Планина го сочинуваат голем број извори, стрмни планински водотеци и повеќе глацијални езера.

ИЗВОРИ

Изворите на Шар Планина се јавуваат во подножјата на сипарите, плазевите, во подножјата на карпестите отсеци, на голи и тревни падини и на други места. Се сретнуваат неколку стотини извори од кои на страната на Република Македонија поважни се околу деведесет.

На најголема надморска височина се смета дека се наоѓа изворот во циркот на Големото Езеро ( северни падини на Коњушка во Косово), кој е на 2.460 m надморска височина. Температурата на овој извор изнесува 5°C.

Најстудена е водата во изворот во највисокиот крак на Боговинска Река, на височина од 2.320 m. Температурата на овој извор , мерена во повеќе наврати, изнесува само 1°C. Изворот на Реката Пена се наоѓа на јужната страна на циркот Џинибег, во ливадеста зарамнина на височина од 2.400 m. Југоисточно од Мал Турчин (2.702 m), на височина од 2.198 m се наоѓа изворот Кајнак.

ВОДНИ ТЕКОВИ

Од Шар Планина кон Полог се сливаат над стотина помали или поголеми водотеци. Извориштата на повеќето од поголемите водотеци допираат до голема височина – над 2.400 m. Повеќето се во вид на изворишни челенки, составени од мрежа на помали рекички. Тие се сливаат во неколку главни краци од кои настанува самата река.

Една од најразвиените е челенката на Вратничка Река. Нејзините два крака до вливот на Љуботенска Река настануваат од 48 симетрично разгранети рекички. Речиси сите реки на Шар Планина припаѓаат на сливното подрачје на реката Вардар, а поголемите од нив се влеваат во неа. Меѓу нив поважни се: Вруточка Река, Јеловска Река, Голема Река, Топушница, Маздрача, Боговинска Река, Камењанска Река, Уливеричка Река, Рачичка Река, Пена, Поројска Река, Непроштенска Река, Лешочка Река, Теаречка Бистрица, Доброшка Река, Габровница, Беловишка Река, Ракита и други.

Некои реки од јужниот дел на Шар Планина (Аџина Река, Ќаф Кадис, Црн Камен и некои други помали потоци) припаѓаат кон сливот на реката Радика, односно јадранскиот слив. Реката Пена претставува најголема вардарова притока која се создава на Шар Планина. Таа е со најдолг планински водотек, т.е. 29,7 km од изворот до Тетово. Нејзината висинска разлика е 1.914 m, а просечниот пад 6,44‰. Поважни притоки на Пена се реките: Кривошиска, Лешничка, Чепеновска, Скакалска, Караниколска, Бродечка и други.

ГЛАЦИЈАЛНИ ЕЗЕРА

Се смета дека на делот на планината што припаѓа на територијата на Република Македонија се наоѓаат околу 30 езера, од кои 21 се постојани. Специфични карактеристики на позначајните езера:

Долно Доброшко Езеро е создадено од атмосферски талози, но во него се вливаат и неколку помали поточиња, поради што езерото се одржува подолг временски период.

Горно Доброшкото езеро е помало од Долнодоброшкото Езеро, но е подлабоко. Се напојува од извор веднаш над езерото, а над него се наоѓа мало тресетиште.

Караниколичко Езеро е едно од повпечатливите езера на Шара кое се наоѓа на караниколскиот простор на височина од 2180 м. Караниколичко Езеро или Голем Ѓол нема површински притоки туку водната акумулација ја добива од многубројните подземни врутоци.

Кривошијското Езеро се одржува со притоките од неколку извори, а се одлива преку истек што понира. На нешто повеќе од 300 m подолу се наоѓа еден од најатрактивните водопади – Горно Цкало на Кривошијска Река.

Бело Езеро има постојан водостој без зависност од атмосферските талози. Околу бреговите на ова езеро избувнуваат неколку извори – постојани и повремени. Езерото има и истек кој се влива во Боговинска Река.

Боговинското Езеро се наоѓа меѓу Бориславец и Мала Смрека и е најголемо Езеро на Шар Планина. Езерото е длабоко 4-5 m. Во ова езеро се влива Боговинска Река, а потоа низ еден протек таа пак се излива. Во близина на езерото има и неколку водопади.

Неговиот животен век многу брзо одминува поради постојаното наталожување на органски материи од бачилото кое се наожа во негова близина. Во почетниот дел на езерото се наоѓа еден од најголемите високопланински блатни екосистеми во Македонија.

Црното Езеро е подлабоко и од Боговинското Езеро. Тоа е едно од најубавите езера на Шар Планина. Како резултат на некогашното долгогодишно присуство на бачило на северната страна, дел од северниот брег е обраснат со блатна вегетација.

Деделбешкото Езеро заедно со Лерското Езеро се последните езера на јужниот дел на шарпланинското било. Тие претставуваат последен сукцесиски статиум на трансформацијата на глацијалите езера во блатен екосистем. Обраснати се со висока острица – цел метар над водата.

Покрај глацијалните езера, на Шар Планина се наоѓаат и поголем број бари од кои попознати се двете челепински бари (2.315 м.н.в.), рудочките бари (2.170 м.н.в.), фудански бари (2.100-2.150 м.н.в.) и врачанските бари (1.975 м.н.в.).