Конечно и во Македонија

Органска кошничка до дома

Наша Добра Земја е првата кооператива (или задруга) на потрошувачи во Македонија. На почеток се здруживме со цел да набавуваме за себе органски проверени производи од најчистите краеви на државата. Интересот беше толку голем, што одлучивме да отворивме продавница со македонски органски производи достапни за сите (имаме посетено преку 100 производители низ земјата).

Сите членови сме ко-сопственици со право на глас и еднаков влог. Нема надгласување, нема хиерархија, нема егоцентрични одлуки и исклучиво профит ориентирани одлуки. Одлуки донесуваме консензуално, и да, функционира кога правите луѓе се сплотени заедно. Најважен фактор за овој модел на ентитет да функционира е – членовите за споделуваат исти вредности, буквално.
Ние сме директни откупувачи и конзументи на производите. Ги знаеме производителите, ги посетуваме често, повеќето имаме и свои градини – разменуваме расад и семиња, информации за работилници и обуки во сферата на органското производсто. Не користиме пластика, а за хартиените ќеси наплаќаме симболична сума – собираме доволно да вратиме она што ме земале од природата – дрвата.

Добра Земја постои од 2013 како неформална група на конзументи. Започнавме со 20 членови (или фамилии) и достигнавме до повеќе од 90 кога се регистриравме.
Денеска првата продавница на Добра Земја се наоѓа спроти Педагошка (ул. Дрезденска бр. 15) во Скопје, и работиме од 10-20ч секој ден, и сабота 09-14ч.

Воведовме концепт на неделна кошничка со органски производи – новитет во Македонија, а во странство идејата е веќе секојдневие. Кошничката е предвесник на имплементација на CSA моделот – или земјоделие поддржано од заедницата – што значи однапред откуп на земјоделските производи на производителот, а потоа производителот целата сезона ги отплаќа тие средства во органски производи. Со тоа производителот е сигурен дека има пласман, а членот/конзументот дека ќе има обезбедено органски производи преку целата година.

Во Македонија концептот не е познат, и полека се проширува информацијата за него, но сега е сеуште рано за имплементација од повеќе причини.
Оние кои се наши членови (и плаќаат 1800 ден/годишна чланарина) добиваат пониски цени и приоритет во достапност на производи. Ако сте член, земате неделна кошничка со сезонски органски производи која секој четврток ја подигнувате, или ви ја доставуваме дома. Доколку некој член има потреба од повеќе производи, истите се достапни во продавницата. Цените за оние кои не се членови се повисоки. На тој начин имаме желба да го стимулираме членството, а со тоа и целиот ланец на соработка помеѓу Добра Земја и земјоделците (за повеќе информации за членство, пратете ни е-маил на [email protected]).
Една главна тема на која посветуваме доста време е одржливото живеење воопшто, но особено во производството на храна. Дали органскиот принцип е одговорот за одржување на ресурсите на земјата? Или допуштаме органското да стане само уште еден бизнис со поинакво име кој “станува модерен”? Што е всушност органско “живеење” и кои не неговите начела?

Првичната цел ни беше свежи овошки и зеленчуци – тоа беше она што највеќе недостасуваше. Сега имаме и брашна од сите житарки, мед, џемови од разни овошки (дел од нив без шеќер), јатки, процесирани производи (доматни сосови, ајвар, органска шира и сок од коприва….)
Во текот на 2 години на свој трошок ја поминавме цела Македоија за да видиме што се случува со органското производство, каде има производители со кои ја делиме истата вредност, и каде е најчиста околината. Потеклото на производите кои ги држиме се од разни краеви.

Во тек сме на реализација на дистрибуција до дома со велосипед!

Пластична еднократна амбалажа не користиме – набавивме долгорочно кутии кои буквално ги праќаме празни, а ни ги враќаат полни со производи. Тоа не чини дупло транспорт (транспортот кој го користиме е јавен кој во секој случај ја вози релацијата) но фрлената пластика на секоја достава во природата само навидум е решение со пониска цена. Скоро почнуваме да го следиме еколошкиот футпринт на Добра Земја. И да утврдиме стратегија како да го подобруваме.
Задругите се добра алтернатива на тимови од слична дејност кои сакаат да се вклучат да функрионираат заедно, без при тоа да основаат заедно фирма. Веќе неколку такви тимови не контактираа со цел пренос на искуството во процесот кој го поминавме на формирање на задругата. За нас, друг подобар избор за организација не постои, иако во македонскиот закон за задруги дефинитивно има елемтни кои мора да се подобрат.