Како да исчистиш држава од ѓубре

Се работи за држава која е како 600 Македонии и неславно го носи приматот на една од најзагадените држави во светот. Не бива веќе така. 1 милијарда граѓани во 5 годишна акција на чистење, и никогаш повеќе да не се повтори….

За да се реши проблемот со расфрлано ѓубре и несовесно однесување понекогаш е потребно да се погледне што се случува онаму каде најмногу е изразена нечистотијата. Индија, државата со 1.2 милијарда жители и проблематична хигиена која се провлекува со децении, конечно сака да стави крај на оваа неславна слика за себе. (ако може Индија зошто не би и Македонија?)

Проблемот е комплексен, но искоренувањето се прави само по добро согледување на причините, а главната причина е дека ѓубрето привлекува ѓубре. За да престане несовесното однесување на нацијата потребни се доста промени во инфраструктурата, граѓанските навики и масовно чистење на досегашното ѓубре.

  • За пример го земаат Њујорк и драстичното намалување на криминалот по кампањата „Без скршени прозорци” по која вандализмот драстичнo опаднал кој претходно бил основа за поттикнување на поголеми криминали. Една од теориите на кампањата „Без скршени прозорци” вели – Замислете еден тротоар. Ако на тротарот има малку ѓубре, луѓето ќе направат уште ѓубре. Спротивно, ако сè е чисто, тенденцијата на луѓето да ја одржат таа чистота е поголема. 

Индија во својот случај сега се зафаќа со најголемата и најдолгата акција за чистење во својата историја со цел да го снема натрупаното ѓубре низ државата. Цела нација е во 5 годишен поход на чистење, менување на навиките и создавање на квалитетна инфраструктура за одржување на хигиената.

Акцијата започна на 2 октомври 2014 со говорот на премиерот Нарендра Моди означувајќи го почетокот на чистата Индија. Самата акција е означена како надполитичка и секој граѓанин е повикан да посвети 100 часа годишно на волонтерски активности, споделувајќи ја одговорноста како и самата влада, државата мора да биде чиста.

Освен директното вклучување на секој граѓанин во чистењето, тие имаат уште 7 лесни едно-месечни чекори на располагање :

•  изрази го своето мислење за значењето на чистотата во градот, на Facebook, Twitter и други социјални медиуми;
•  коментирај на нечија друга објава и разговарај за почиста држава;
•  не фрлај отпад сè додека не најдеш корпа за отпадоци;
•  собери барем еден отпад и фрли го во корпа за отпадоци;
•  на некој јавен собир отвори ја темата за чиста држава;
•  разговарај со помалите генерации и биди нивна инспирација за совесно однесување;
•  направи подлабока дискусија со било кој близок, брат, сестра, родител, братучед, другар, пријател, колега, и продлабочете ја темата зошто државата не е доволно еколошки чиста.

Акцијата е раширена низ скоро секој град и село во Индија, и во неа се вклучени граѓаните, компании, огранизации, владата и јавните личности како и помош од различни интернационални компании и држави.

5 години континуирано чистење и работење на проблемот, со цел на последниот ден, 2 октомври 2019 да оддадат почит на таткото на нацијата, Махатма Ганди кога е и 150 годишнината од неговото раѓање. 

Повеќе за акцијата и целата методологија на функционирање може да се прочита  на Come, clean India.

Им посакуваме успех и чиста околина, а сериозно, ако може Индија да се нафати на 5 годишна акција, зошто не би и Македонија?