Играј со Четко, четкај и со здрави заби светкај

Почнува кампања „Патот до здрави заби“

Во следните три месеци ќе се реализира кампања за здрави заби насловена како „Патот до здрави заби”. Во овој период, дечињата ќе имаат можност, низ игра и забава, да се едуцираат како да ги мијат своите запчиња, колку често и зошто е важно редовно и правилно да се четкаат запчињата.

“И како доктор, но и како родител, ја препознавме потребата за едукација на дечињата на тема здрави заби. Со оглед на тоа дека сакаме да ги поттикнеме на правилен развој на една практична вештина и здрава навика, се одлучивме тоа да го изведеме на исклучително креативен начин, со помош на анимација и вклученост на дечињата во целиот процес. Токму затоа ја правиме кампањата „Патот до здрави заби”, којшто пат дечињата ќе го изодат заедно со Четко Четковски, нашата маскота, а другар на дечињата. А крајната цел на тој пат секако се многу награди за оние кои ќе ги совладаат сите игри, односно ќе го научат поглавјето за правилна грижа за запчињата”- вели Александар Донев, застапник за брендот „Лакалут” во Македонија.

Кампањата „Патот до здрави заби” ќе се реализира под слоганот „Секој ден четкај и со здрави заби светкај” и има цел да ги научи децата на една исклучително здрава навика, значајна за целокупното здравје на организмот, почнувајќи од здрава исхрана како што се овошје и зеленчук, преку начинот на одржување на хигиената на запчињата се до тоа како да се зачуваат запчињата здрави, бели и цели! За да го поминат патот до здрави заби, дечињата заедно со Четко ќе треба да изиграат неколку игри кои ќе им помогнат да научат зошто е важно да ги мијат запчињата редовно.

За времетраење на кампањата, за секој купен Лакалут детски производ, дечињата ќе добиваат боенки со кои ќе имаат можност да учествуваат во сите игри кои ќе следуваат.

Дечињата ќе се дружат со Четко на разни локации низ Скопје, ќе играат многу интерактивни и забавни игри, како што се Кула, Пикадо, Куглањe, Квиз, Сложувалка, а за добрата игра и наученото ќе добиваат подароци. Сите останати кои нема да земат учество во игрите ќе можат да се дружат со Четко, да се фотографираат со него и да разговараат.

Право на учество ќе има секое детенце на возраст до 13 години, кое ќе сака да учествува. Доколку детето е под 6 години, ќе има право да учествува со родител. Доколку детето е над 6 години ќе се натпреварува само.

За сите игри и можности за дружење, Четко и Лакалут ќе Ве информираат преку социјалните медиуми (Facebook страницата Четко Четковски), како и преку интернет страната на Натусана.

„Дојдете и слушнете ја приказната за патот до здрави заби. Станете и вие дел од дружината на Четко” – ги покани зајчето Четко Четковски своите другарчиња.
Првото дружење со Четко Четковски ќе се случи на 25 април (сабота) во Зоолошката Градина каде дечињата ќе имаат можност да играат „Кула”, да ја научат првата лекција од поглавјето, да се дружат и да бидат дел од уште многу други активности. Кулата ќе им помогне на дечињата да осознаат што ќе се случи доколку не се грижат внимателно за своите запчиња уште од најмала возраст. Играта која што ќе ја играат ќе им покаже дека доколку правилно се грижат за секое запче и секојдневно го миеме, тоа ќе остане цело и здраво.