Дански рецепт за избегнување поплави

Додека европскиот континент е соочен со се повеќе поплави кои според проценките ќе се дуплираат до средината на векот, Данците во Копенхаген се соочени со мирна глава, веќе спремни за нестабилното време.

Проблемот со поројните дождови и водата е проблем само кога водата оди на места каде не треба да оди. Според научните истражувања, фреквентоста на овие проблеми дупло ќе се зголеми на европскиот континент до 2050та, со пет пати поголеми трошоци за штетите кои би ги направиле. 

Накратко тоа за населените места значи – прави повеќе паркови и зеленило за земјата да ја впива водата и прилагоди ги атмосферските канализации да очекуваат поголеми поројни дождови. Асфалт и бетон ЈОК !

Вака нешто размислувале Данците но и малку понапредно, кои проблемот со климатските промени го гледаат сериозно, особено по катастрофалните поплави во 2011-та кои им направиле штети од над 1 милијарда долари.

Веќе од оваа година Копенхаген може да се пофали со првата климатски адаптирана населба, во која сега жителите можат мирно да живеат и покрај нестабилните климатски услови во наредните децении.

Наместо правење поправки тук-таму за приморската населба Св. Кјелд, која била најпогодена од поплавите, решиле да направат цел мастер план за течението на водата од дождовите. 

Имале две опции, едната скапа и комплексна, со создавање поголем капацитет на атмосферските канализации, другата поефтина, природна и поедноставна, претворање на асфалтните улици во паркови, велосипедски патеки и природни канали за проток на водата.

Ја одбрале втората опција и населбата од прилично досадна и премногу асфалтна, добива тотално друг лик и живост, и најважно – сигурност во нестабилните временски услови.

Новиот дизајн на улиците го направиле со подигање на нивото на тротоарите и создавање на ридски зелени површини низ кои поминуваат пешачки и велосипедски патеки, па кога има поројни дождови тие се претвораат во канали а ридовите служат како корито насочувајќи ја водата кон изливните места.

Бидејќи капацитетот е голем, наврнатата вода од околните улици и згради се насочува кон овие природни канали, правејќи ја населбата своевидна мини Венеција. Во стабилни временски услови, жителите повторно ќе си имаат паркови, велосипедски патеки и места за рекреација наместо асфалт.

Природниот дизајн не само што е многу поевтин, туку е и многу попрактичен за целиот град со што се влијае на микро климата во градот, намалувањето на автомобилскиот транспорт и прочистувањето на градскиот воздух
.

Овој пример сега претставува основа за планирање за сите останати градови и населени места кои треба да се соочат со се поголемите врнежи и поплави.

Самиот Копенхаген каде се наоѓа населбата планира да го вклопи дизајнот низ целиот град, а градовите на кои им се закануваат поголеми поплави веќе експериментираат со слични примери со што би се адаптирале на климатските промени… 

Примери кои во Македонија и низ целиот Балкан треба да се применат за да не се повторат поплавите какви што ги имавме.