Пролетно садење македонски даб

„Уметност на живеење Македонија” повикува на четвртата по ред журка т.е. годишна акција за пролетно садење македонски дабчиња заедно со децата од „Арт Ексел”, со кои го организираат еко настанот „Да растеме заедно”.

 

Со претходните акции за садење, „Уметност на Живеење Македонија” веќе имаат посадено над 10 илјади дрвца низ градовите во Македонија, кои ќе пораснат и ќе бидат новите бели дробови за прочистување на воздухот, затоа повикуваат сите заедно со здружени сили да придонесеме Македонија да биде и остане зелена и чиста.

Настанот ќе се одржи во сабота, 18.04.2015 година, со почеток во 11:00 часот, во градинарскиот центар Фоја (ул. „Борис Трајковски” (поранешна Првомајска) – веднаш до фабриката Усје бр. 152 А, Скопје.)

„Ќе имаме можност да се дружиме, забавуваме, да научиме како се садат семки и како од една семка расте големо дрво. Ќе слушнеме и научиме уште многу други интересни работи…“

Целта е децата самите да засадат желад, да видат дека процесот на растење е дел од еден животен циклус и дека дрвјата се непроценливо богатство за кое треба сите ние да се грижиме.

Македонскиот даб е ендемски вид со посебни карактеристики и претставува вистинско природно богатсво на нашата Македонија. Името македонски даб го добива затоа што неговиот ареал е соодветен со територијата каде што со векови живее македонскиот народ.” – „Уметност на Живеење Македонија”

Настанот воедно доаѓа и како подршка кон глобалната акција за посадување 1 билион дрвја низ светот за денот на Планетата Земја, затоа ајмо на журка за садење македонски даб со најмладите.