Студентска одржливост

Дали студентите би го раздвижиле општеството кон еколошки чиста иднина, кога би имале веќе стекнато искуство во одржливо живеење? Како универзитетите можат да ја имаат една од главните улоги во создавањето одржливи општества?

Додека траат факултетските денови, освен квалитетното образование што е потребно за успешниот развој на студентите, како тие живеат, како патуваат, и како се хранат има огромно влијание за целокупниот понатамошен развој на општеството.

А бидејќи секое општество во светот мора да се развива одржливо, да видиме како
факултетските денови можат да бидат одржливи и еколошки, кои понатаму создаваат
индивидуи со високо развиена свест за сопственото и општественото влијание врз
животната средина.

Студентските домови стануваат место каде се живее одржливо

Како и секој дом, студентските домови треба да бидат место каде студентите ќе можат квалитетно да живеат додека напредуваат во своите студии. Квалитетно живеење во 21-иот век значи задоволување на сите човечки потреби со минимално влијание врз животната средина.

Како одличен пример за ова е зелениот студентски дом на универзитетот Брадфорд во Велика Британија, дизајниран да овозможи највисоки стандарди за одржливо живеење на над 1000 студенти. Студентскиот дом има најдобри резултати за одржливост од било кој друг објект досега во Велика Британија. Секоја соба има монитори за следење на потрошувачката на енергија, се користат само ефикасни електрични апарати, топлата вода доаѓа од соларни колектори, објектите имаат одлична изолација и ефикасни прозорци за мала потреба од греење и ладење, постои целосна мрежа за рециклирање и системи за собирање и користење на дождовницата, одлични отворени паркови за одмор и дружење меѓу студентите…

Сето ова значи квалитет на живеење за правилно развивање на студентите, кои не само што ќе добијат дипломи по завршувањето на студиите, туку и ќе имаат повеќегодишно искуство во одржливо живеење. А секоја година излегување на над 1000 завршени студенти кои веќе имаат такво искуство значи многу ветувачка одржлива иднина за целото општество.

Универзитетите создаваат свои велосипедски програми

Транспортот како голем дел од проблемот со загадениот воздух и глобалното затоплување е прашалник за многу универзитети во светот кои сакаат да го подобрат еколошкиот живот на своите студенти и вработени. Како одговор на ова се јавуваат различни решенија, меѓукои користењето велосипеди за патување до факултет е едно од најподржуваните меѓу универзитетите.

Одличен пример за тоа е универзитетот „Њујорк” со својата велосипедска програма, која започнува како студентски проект за тестирање на можноста бесплатно да се споделуваат велосипеди помеѓу сите кои се дел од универзитетот.

Можноста всушност излегла како голема потреба која одлично била прифатена, па проектот преминува во вистинска велосипедска програма на универзитетот, со што сега илјадници студенти, вработени и професори ги користат велосипедите за секојдневните патувања.

Како што расте програмата, студентите се активно вклучени во целиот процес на развивање, со можности тие самите да ги поправаат велосипедите и да обновуваат стари велосипеди кои по нивното средување се вклучуваат во програмата. Со нивното директно вклучување се зголемува грижата за состојбата на велосипедите а воедно тие добивањаат и долгорочни основни знаења за поправање.

За сега програмата има 80 велосипеди и 13 станици за споделување во населбите околу универзитетот, бројки кои растат со текот на времето, со цел да се овозможи велосипедско возикање на сите 50 илјади луѓе кои на некој начин се дел од универзитетот, затоа што со велосипед се стигнува најбрзо, најчисто, најзабавно, најздраво и најефтино.

Исхраната во студентските мензи станува органска и локална

Со сè поголемата свест за правилна исхрана која е органски чиста и се произведува локално, студентските мензи низ светот полека се насочуваат кон создавањето на менија со органска и нутрициски правилна исхрана која е добра за студентите и за природата. Но некои универзитети одат и многу повеќе од тоа.

Пример за тоа е универзитетот Јеил во САД, кои имаат голема програма за одржлива исхрана на универзитетот во која имаат и две градини, давајќи им можнот на студентите да одгледуваат, истражуваат, дебатираат и размислуваат за проблемите со исхраната.

Програма започнува од загриженост на група студенти кои учеле за штетноста на пестицидите при производството на храна. Најпрвин започнале да разговараат со одговорните во делот за исхрана за зголемување на користењето органска храна. Ги убедиле дека исхраната има многу проблеми и универзитетот започнал да набавува некои органски производи и направиле измени во менијата за поздрава исхрана.

Тоа што следело понатаму е континуираната работа и истражувањата на студентите кои се погиржиле да се дефинира целокупниот систем за исхрана на универзитетот и да се отворат огрански градини каде студентите ќе можат сами да одгледуваат и подлабоко да истражуваат во органското производство и одржливата исхрана.

Овие 3 сегменти од студентскиот живот овозможуваат идните лидери на општеството да имаат високи познавања и искуство во најпроблематичните сектори кои влијаат врз животната средина, а тоа значи мноогу нови креативни идеи за одржлива иднина. Ако образованието е најдобрата инвестиција што човек може да ја направи за себе тогаш одржливиот живот на луѓето кои се образуваат е најдобрата инвестиција што може да се направи за општеството.