Екологика

„Часот на планетата Земја“ има моќ

Се ближи 28 март, денот кога се одржува „Часот на планетата Земја”, најголемата акција на граѓаните од целиот свет обединети во заедничко гасење на светилките, како порака дека не сакаме климатски промени туку здрава планета. Разговаравме со претставништвото кај нас, да видиме до каде сме со македонската подршка и вклученост во акцијата…

После 10 илјади години климатска стабилност на нашата планета, која ни овозможи услови да го предвидиме времето, да планираме и да се развиеме како човечка цивилизација од одсечени племиња и живот во пештерите, преку развивање на земјоделството, фармерството, металургијата, урбанизмот, индустријализацијата, се до сегашниот свет дигитално поврзан како никогаш до сега, во последните 100тина години успеавме да ја узурпираме таа климатска стабилност и да бидеме причината за глобалното затоплување.

Единстеното решение за стабилизирање на климатските промени сме ние, 7те билиони луѓе на оваа топка, со нашите акции и обединетост, што ни даваат можност за решавање на овој најголем проблем во историјата на нашата цивилизација.

За една таква обединетост и глобална акција разговараме со Ѓорги Селков, главен организатор на „Часот на планетата Земја” во Македонија, да се запознаеме со одличното движење кое ја зафати целата планета и се поголемата вклученост на Македонија во оваа акција.

Што претставува „Часот на планетата Земја” и како се развила целата идеа низ годините?

Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креиарно од WWF (Светската фондација за дивиот свет). Како една од првите кампањи креиарана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настан кој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел преку симболично исклучување на осветлувањето да се подигне еколошката свест кај граѓаните. Движењето започнува како мала иницијатива во градот Сиднеј во далечната 2007 година, за од тогаш да прерасне во акција која се одржува во над 162 земји и преку 7000 градови ширум светот.

Што е разликата помеѓу обичното индивидуално исклучување на светилките и глобалното движење во ист час да се направи една единствена акција, која е пораката и за кого е наменета?

Пораката на акцијата е преку симболичното исклучување на осветлувањето да се покаже моќта на индивидуалецот дека може да направи промена, особено кога таа индивидуална моќ е обединета во колективна акција. Впрочем тоа е и слоганот на акцијата оваа година: Употреби ја твојата моќ и промени ги климатските промени. Часот на планетата Земја освен што на глобално ниво организира исклучување на јавни објекти (плоштади, паркови и споменици), ги поканува и сите оние кои сакаат да ја поддржат акцијата да ги исклучат светилките во своите домови и со тоа да дадат придонес за спас на планетата Земја.

Како е прифатена акцијата кај нас во Македонија?

Веќе шеста година по ред и Македонија е дел од ова светско движење и од година во година се повеќе локации потонуваат во мрак за Часот на планетата Земја. Секако, тука е поддршката од институциите кои од година во година ја препознаваат креативноста и пораката во оваа иницијатива и ја даваат својата помош. Оваа година најавуваме исклучување на осветлувањето на рекорден број локации во Македонија, ќе се исклучат голем број на споменици и објекти во Скопје, но и во останатите градови низ Републиката.

Морам тука да ја потенцирам поддршката од Црвениот крст на Република Македонија кој преку своите општински организации и моќта на младите волонтери ја проширува акцијата низ цела Македонија. Исто така, во акцијата своја поддршка дадоа и Министерството за животна средина и просторно планирање, ЕВН и Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Кога треба да ги исклучиме непотребните светилки?

Светилките глобално ќе бидат исклучени 1 час на 28 март почнувајќи од 20:30 часот !

Каде можат да се информираат читателите за активностите пред настанот?

“Сите информации поврзани со настанот можете да ги пронајдете на нашиот официјален веб сајт www.earthhourmk.org и на нашата официјална фб страница www.facebook.com/earthhourmk. Исто така, ги покануваме сите да се вклучат во нашиот фејсбук настани да ги следат сите новости поврзани со акцијата”

Глобалната заедничка акција добива подршка и од македонските познати личности, Даниел Кајмакоски, Снеже Велков, Татјана Алексиќ, актерите Атанас и Тино, но и твитер-заедницата се само дел од личностите кои оваа година ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја. Не повикуваат сите да се приклучиме.

ПОГЛЕДНЕТЕ:

Автор

Ekologika

Берово

Македонија