Важноста на ски школите во развивање на скијачкиот туризам

Во оваа прилика ќе се задржиме само на еден од факторите кои се нужни за успешност на ски центрите: Обуката на скијачите почетници, особено децата.

Познато е дека во земјите од Алпскиот регион, уште пред еден век и повеќе се започнало со овој вид на туризам, токму преку планинарството и скијањето, кој носи големи приходи кои се мерат во милијарди евра. Во последниве години сме сведоци дека и во нашето соседство, Бугарија (Банско, Боровец…), Србија (Копаоник, Залтибор, Стара Планина…), Турција (наголемо се подготвува, по патот на бумот што го направи со морскиот туризам пред некоја деценија, да постане скијачка туристичка велесила), Грција, Хрватска, БИХ, Црна Гора, скијањето и развојот на скијачките центри е во голем подем.

 

Во Македонија скијањето има голема традиција. На 3-ти Март, 1926 година, Душан Кривокапиќ и Станко Фурлан, за првпат се спуштаат со скии од Љуботен, Шар Планина. Набрзо (1931), исто така на Љуботен, се гради првиот планинарски дом, па потоа се шири скијањето на Попова Шапка, Пелистер, Крушево…. 1947 на Попова Шапка се одржува ШАРПЛАНИНСКИОТ КУП, тогаш под назив ШАРПЛАНИНСКИ СМУК, како прво скијачко меѓународно натпреварување на Балканот, по иницијатива и под капата на Скијачкиот сојуз на Југославија.

 

Не е случајно што Попова Шапка и стазата Церипашина се избрани. Тоа е најдобриот ски центар и патека во тоа време во Југославија, а по техничките карактеристики (висинска разлика, конфигурација на теренот и тн.) тој епитет го носи и денес на Балканот па и пошироко и рамноправно стои до најдобрите патеки во Алпскиот регион.

Затоа, набрзо, во наредните години, на овој натпревар кој од 1953 влегува во рангот FIS B, учествуваат врвните скијачи од Австрија, Швајцарија, Италија и тн. Во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, Крушево, Пелистер, Маврово, Попова Шапка постануваат познати скијачки дестинации за туристичкото и натпреварувачко скијање каде се одржуваат големи меѓународни натпревари, како државни првенства на Југославија, Балкански првенства итн.

За жал, состојбата денес, со скијачките центри во Македонија, во споредба со соседните земји е повеќе од незадоволувачка. Во прилогот од Вест од 31 јануари 2015 „Ски-центрите во зимски сон” е направена анализа за состојбите која констатира:

  • МАКЕДОНИЈА ИМА СНЕГ, НЕМА ЗИМСКИ ТУРИЗАМ, и покрај извонредните потенцијали и традиција што ги имаат нашите ски центри. Во истиот прилог, претставникот од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот вели: “Можеби единствен позитивен пример во однос на потенцијалот е понудата на екстремни спортови на Шапка. Тоа е нешто што ние во моментов може единствено да го понудиме и да биде конкурентно со ски-центрите од соседството”. За жал, бројот на туристите што оваа врвна понуда за фри рајд скијањето на падините на Јелак, е сè уште мал, барем засега.

Во оваа прилика ќе се задржиме само на еден од факторите кои се нужни за успешност на ски центрите: Обуката на скијачите почетници, особено децата. Додека во сите скијачки центри во развиените скијачки нации од алпскиот регион, а сега веќе и во сите реномирени центри од соседството, како Банско, Боровец, Копаоник… има сосем коректна па може да се каже и богата понуда на СКИ ШКОЛИ кои нудат обука од квалитетни и лиценцирани ски инструктори.

За споредба, нашите скијачки центри се уште на нивото на „таканаречени” и „самонаречени” ски инструктори, кои на „диво” ги нудат своите услуги за обука, најчесто на деца, со низок и неверифициран квалитет, статусно и фискално нерегулирани. Згора на тоа, центрите не нудат ништо од инфраструктурата за оваа наменa: во Македонија се уште нема инсталирано ски лента за деца и почетници на соодветна патека, ниту други исталации за деца како детски ски “рингишпил” и слично кои преку игра ќе ја развијат љубовта кон скијањето.

И уште збор два за важноста на оваа обука. Со правилна, кадровски и инфраструктурно подржана ски обука, се зголемува драстично бројот на идни скијачи како туристи и натпреварувачи, при што се намалува ризикот од повреди, а прогресивно расте бројот на вљбениците на скијањето и планините…

Како илустрација за организирана и современо изведена обука на деца од училишна возраст, топло го препорачувам видео записот СКИ КАМП ЗА ДЕЦА, снимен од 12-18 јануари во Крвавец, Словенија со децата – идни скијачи од СКИ ТИМОТ ОЛИМПИК од Бања Лука.

Ски Тим Олимпик на Крвавец , Словенија 12.-18. Јануари 2015

Жарко Трпкоски