Олимписката обука за спортската администрација на Македонија

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, д-р Васил Тупурковски, денес ја отвори “Олимписката обука за напреден спортски менаџмент на спортската администрација на Република Македонија”.

Главна цел на оваа обука е унапредување на ефикасноста на Националните спортски федерации односно на спортската администрација во Република Македонија. Предавањата од првиот модул “Спортски маркетинг” ги одржува М-р Дамјан Пинтар, бизнис директор на Словенечкиот олимписки комитет, а на 7-ми февруари предавач ќе биде проф. д-р Алан Феран, професор по Спортски маркетинг и спонзорство на Факултетот за науки и спорт, Универзитет Поатје, Франција и Директор на после дипломските студии за спортски маркетинг за извршни функционери на Меѓународниот олимписки комитет.

Предавањата на првата тема “Спортски маркетинг”, од вкупно шест теми кои ќе бидат презентирани во следните 8 месеци, ќе опфатат теми како што се релации со маркетинг партнери, спонзорството и донации, припрема и изработка на понуда за спонзори, подготовка за потпишување и реализација на маркетинг договори, евалуација на сработеното, бенефиции од договорот за спонзорство, контрола на постигнатото, правни аспекти на договорот за спонзорство, но и други теми кои ќе бидат понудени и доставени до вас од страна на предавачите.