Екологика

Кога хокејот ја поддржува екологијата

Во новата година со една посебно убава вест за напредокот во еколошката ни човечка еволуција. Цела хокеарска лига оди во еколошки поход да го зачува тоа од што самиот спорт е создаден, мразот и зимските услови.

Кога станува збор за хокејот, самите корени на овој спорт се мразот и зимата, нешто што сега ја загрижува од целата хокеарска лига. Мразот и временските услови кои им дале можност да се развие овој спорт сега се под закана од глобалното затоплување, па затоа, целата американска хокеарска лига во оваа 2015 со своите 30 тима оди во еколошки поход, да го „зазелени“ спортот и да го неутрализира својот дел од еколошкото загадување.

За таа благородна цел се здружиле со еко енергетската компанија „Констелејшн“ која треба да ги „скенира“ сите сали и останати објекти и да направи план како во текот на 2015 сите објекти на хокеарска лига да ја зголемат ефикасноста и да го подобрат самото менаџирање со енергијата. Како додаток на ова, сите пари за струја што NHL тимовите ќе ги плаќаат во текот на годината ќе бидат насочени само за производство на струја од обновливи извори.

На овој начин целата лига за една година ќе го исчисти својот дел од загадувањето и со задоволство ќе го промовира одговорното однесување и работење на своите 250 милиони фанови. Машала!

Претседателот на унијата за зелени спортови во САД овој поход го поздравил велејќи:

  • „Oва е најмасовната еколошка иницијатива некогаш направена од некоја професионална спортска лига било каде во светот. Можеби неутрализирањето на хокеарските јаглеродни отпечатоци не се колку една голема термоцентрала на јаглен, но културното влијание и маркетингот што NHL го има е нешто што ќе влијае на милиони фанови низ целиот свет да бидат свесни за климатските проблеми со кои се соочуваме. 13% од популацијата следи наука, но 71% следат спорт, тоа е огромна промена во влијанието кон популацијата за одговорно еколошко однесување.“

Целата оваа иницијатива не доаѓа наеднаш, NHL лигата е позната по своето одговорно однесување со години преку својата NHL Green програма тие влијаат на своите фанови и целиот професионален тим. Програмата вклучува рециклирање, промовирање еколошки производи, поддршка на еко иницијативи и организации и останати активности кои резултираат со огромна подршка од фановите. Хокеарските фанови се познати по тоа што рециклираат 11 пати повеќе од просечниот граѓанин, 19 пати повеќе донираат пари за еколошки иницијативи, и 20 пати повеќе се одлучуваат да купат производ или услуга од еко одговорни компании.

2015 година веќе мириса на големи еко иницијативи, секоја чест на хокеарската лига што го „крши мразот“ во одговорното работење и служи како пример за останатите спортски лиги и организации низ светот а богами и кај нас.