Потребно е да сe изгубиш, за повторно да се пронајдеш

Извештај од планинарска тура на Плачковица…

Потребно е да сe изгубиш, за повторно да се пронајдеш.. (С.С. Шеќер по подот)

Поттикнати од желбата да се допре недопрена природа групата од седумнаесет планинарски ентузијасти тргнаа во освојување на една нова амбициознa неодена тура на планината Плачковица. Планот беше да се оди од с. Радање, преку кањонот Камник до планинарски дом Вртешка, па оттаму до врвот Туртел 1689 м.н.в., па во бања Кежовица и на крај на штипска пастирмајлија, но во животот не секогаш стигнуваш таму кадешто си планирал, туку таму кадешто треба да стигнеш. Ова е нашето патешествие:

Ден недела, петнаесети ноември поаѓање во 5 часот наутро. Во седум пристигнавме во с. Радање. Изгрејсонцето не пречека сред златножолтите полиња од кадешто се гледаше античкиот град Баргала, но сепак тоа не беше насоката во која што требаше да се движиме, па затоа се вративме во сред село каде мештаните веќе беа будни и пијани.

Се прашаував дали станале во пет и стигнале да се напијат, или се уште пијани од предходхната вечер. Патот за кањонот кој го најдовме лево од новата џамија, беше прав и водеше покрај реката Радaњанска од која беше останато само речното корито. Водата беше сопрена и некаде од неа акумулираа езеро. Поминавме покрај три камени каскади кои некогаш го успорувале течението на реката. Направивме кратка пауза, поминавме низ една ледина и полека влеговме во кањонот Камник кој ние го нарековавме Македонскиот Колорадо. Е тука го доживеавме првото воодушевување. Кањонот изгледаше маестрално. Се движевме низ карпи со водени базени. На една убава бела плоча ја имавме првата подолга пауза за јадење и секако за групно фотографирање.

Егзотичните глетки и адреналинот ни ја крена енергијата и налик на двиви кози преминувавме тешко проодни премини, се додека кањонот не стана премногу тесен и стрмен и единствен излез ни беше да се упатиме угоре во планината по стрмината. Таму не пресретнаа дрвокрадците кои како штеточини ја пустошеа шумата. Поминавме многу близу до нивните две мазги кои исто така негодуваа на нашето присуство. Откако ги одминавме искачивме една угорнина стрмна 80 степени. Горе стоевме на работ на карпата која беше нагло пресечена и од која се отвараше прекрасна глетка на кањотот.

Над карпата се крнаа густи црни облаци и магла. Сонцето што кај Баргала ни ветуваше убаво време ,не го исполни ветувањето. Набргу влеговме во шумата како да влегуваме во некој хорор филм или надреалистичен расказ зошто маглата ја сечееа пукотници од ловџиски пушки и дерењето на ловџиите кои го бркаа дивечот. Сите не опфати некој страв дека некој од нас може да стане мета. Среќа ниедна од девојките во групата не се вика Јелeна, инаку ќе беше лов на јелене, сама си то тражила. Јас на своја поетска сметка се пошегував дека ако ме погодат, сајтовите ќе бидат преплавени со наслови: Поетеса се самоуби со ловџиска пушка на планината Плачковица.

Искачивме уште еден стрмен рид без патеки низ магла и пукотници, а на врвот се сретнавме со ловџијата и неговите две загарчиња. Тој ни се пофали дека уловиле волк и две диви свињи од по двеста кила. Ние не му поверувавме за волкот се додека не го видовме закачен за багажник. Преубава млада волчица погодена во вратот со сé уште отворни сини очи. Глетката ме жегна во градите. Се прашав како може нешто толку убаво да биде прогласено за штетник за кој се дава награда ако го убиеш.

Патот по кој не опраи ловџијата беше послан со нагазни мини од измет од крави. Требаше да ни стане јасно дека вака не би требало да изгледа нашиот пат, но наместо да се вратиме назад ние загазивме длабоко, во маглата. Е тука веќе не ми е јасно што се случи, каде го промашивме патот, затоа што маглата беше се пообилна, но затоа ми стана јасно зашто Вртешка се вика така како што се вика. Се вртевме, се вртевме како вртимушки околу Вртешка, но не ја најдовме ни В од Вртешка. Сме поминале покрај неа и поради густата магла не сме ја виделе. Поминавме низ борова шума и излеговме на каллив пат. Веќе почна и да врне и одењето во кал не беше баш пријатно. Одевме седум часа со само една мала и една поголема пауза во кањонот.

Не е убаво да се загубиш, но ако веќе се губиш барем загуби се со добро друштво, така секогаш е полесно. Се израдувавме кога ја видовме првата куќа во селото Кошево. На наше огромно изненадување таму ни кажаа дека сме поблиску до Радовиш отколку до Штип, дека Вртешка останала далеку зад нас и дека денес не би можеле да стигнеме до неа, дури ни понудија и да преспиеме во селото ако сакаме. Тоа беше надвор од нашите опции и затоа падна одлука да се сименме во с. Бучим кој е на 750м.н.в. Одевме уште еден час низ магла и дожд со последни сили и со страв дека ќе не стемни сред никаде. Кога го здогледавме рудникот Бучим, а набргу потоа и селото ни олесни.

Не облеа радост што сепак некаде стигневме, некаде каде што ни на крај памет не би ни било некогаш да дојдеме. Го видовме рудникот, селото, запознавме некои од селаните. Домаќинот на продавничката гостопримливо не прими да се згрееме покрај ќумбето на дрва заедно со по некоја ракија и пиво, го почекавме комбето. Дознавме дека само пет-шест жители на селото работат во рудникот, другите работат тутутн и дека селото два пати било иселено, и повторно населено и сега има околу стотина куќи и триесетина деца во училиштето.

Потоа сé беше по план. Бањата Кежовица беше патување назад низ вековите во некое турско време во амам. Турците навистина знаеле за лезет. Лековитата вода ги опушти нашите уморни тела и студот кој ни беше влезен в коски го замени со топлина која ја грее и душата. Потполно релаксирани и опуштени отидовме на гурманско уживање штипска пастрмајлија и поетско вино. Во Скопје пристигнавме во 22ч задоволни од оваа незаборавна авантура. За крај на сите учесници на оваа луда тура им посветувам една песна од мојата колешка Николина Андова Шопова (Влезот е од другата страна).

Тешко дека ќе се изгубиме

Тешко дека ќе се изгубиме
познати ни се сите улички и патишта
во оваа ноќ, мазна и лизгава како црна постава
на некое здолниште кое штотуку не распукало по
шевовите
Талкаме по нашите кожи
и застануваме пред испакнатите брадавици
како пред суви карпи
и ниедно чудо не нѐ чека зад нив
Се молам да заскитаме, смислувам некаков
локален антинавигациски систем
А тука да скршнеме, велиш
Се молам никогаш
да не го најдеме патот


 

Фотографија :
Богдановски Тони
Стојмирова Марина
Благоевич Владимир

Автор на извештајот
Снежана Стојчевска

16.11.2014, Скопје