Дизајн

Контролирана порција без вага и конверзија

Грамажа, собирање, одземање, таблици и бројки. Ако вашата диета се заснова на броење калории или едноставно сакате да знаете колку калории ќе „смачкате” на следниот ручек, пред вас имате сериозна задача или да им се заблагодариме на дизајнерите и нивните едноставни и брилијантни решенија кои ни го оленуваат животот.

Броењето калории на храна подготвена во домашни услови, кога ја немате онаа таблица на амбалажата, може да претставува досадна, демотивирачка и збунувачка задача. Решенија за овој проблем има одамна, некои меѓу нив дури и со ласерска технологија, но ништо не ја победува едноставноста и практичноста.

Холандската дизајнерка Ана Брули нуди токму едноставен и практичен начин за контрола на порција. Ана вели – „на луѓето им е тешко да пресметаат колку зеленчук треба да содржи порцијата, а дури и кога би знаеле дека тоа е 200 грама, како всушност изгледа тоа сервирано во чинија?“

ЕТЕ чинијата е поделена во сектори кои ја покажуваат препорачаната порција за зеленчук, протеини и скробни продукти како ориз или компир. Секторите исто така се преклопуваат во случај да изоставите некоја група. „Не мора да ја мерите храната за да знаете дека јадете според препораките“ – додава Брули.

Големината на чинијата е направена според истражувањата кои покажуваат дека помалку се јаде од помали чинии, а секторите според холандските препораки за балансиран оброк. Еден мал сектор е слободен, за полесно да ракувате со храната, а за дизајнерот е еден мал потсетник дека некаде, нечија туѓа чинија, е празна. 

Уште една интересна работа. Чиниите се произведуваат во фабрика која вработува лица со посебни потреби, па така освен оние кои ја користат, полезност од производот имаат и оние кои ја произведуваат.