Чаша со здравје

Супер кефир за супер тело

Ферментирано млеко со полезни микроорганизми. Звучи како јогурт, но кефирот е многу повеќе од тоа…

Оваа „чаша здравје” потекнува од Кавкаските Планини, а има историја долга 2000 години. Во основа е ферментирано кравјо, козјо или овчо млеко со помош на кефирови зрна, а традиционално кефирот се подготвувал во кожени торби закачени на некое прометно место во домот, па како поминувале домашните ја поттурнувале торбата за да се промеша пијалокот.

Кефирови зрна? Тоа е всушност склоп на бактерии и габички, слично како комбухата, кои живеат во симбиоза и се одговорни за ферментацијата на млекото. Преработувајќи ја лактозата, микроорганизмите продуцираат витамини, органски киселини и други полезни продукти за кои ќе стане збор подолу во текстот.

Кефировите зрна се купуваат продавница (на нашите простори тешко се наоѓа) или се „повикува пријател”, некој што веќе ги има, ги одгледува и е желен да сподели. Постапката е следна: На половина литар млеко се потребни околу 2 лажици (избегнувајте метални) кефирови зрна. Млекото, свежо или варено, но никако врело, и кефировите зрна се ставаат во стаклен сад, тегла или шише со пошироко грло. Садот се покрива со газа или чиста ткаенина и се обезбедува со помош на гумичка или врвка. По 24 – 48 часа на собна температура и повремено промешување имате вкусен и освежителен кефир. Зрната се отстрануваат, се измиваат под млаз ладна вода и се спремни за нова доза млеко.


 ЕДНА ЧАША ЌЕИФ


Нутритивен профил? Во една чаша кефир има само околу 100тина калории, но 10 грами протеини и 20% од дневните потреби за калциум, а изобилува со железо и јод. Присутен е целиот Б комплекс, но и витамините К2, фолна киселина, витаминот Д. На сето ова, кефирот е значително осиромашен од лактоза, па е погоден и за интолерантни лица. Значајно е да се нагласи смирувачкото дејство кое потекнува од аминокиселината триптофан што во кефирот ја има во големи количини.

Каде кефирот го шие јогуртот? Ако јогуртот е добар извор на пробиотици, тогаш кефирот е супер извор на пробиотици. Содржи дури трипати повеќе видови на добри и полезни микроорганизми. Ова особено е полезно после антибиотска терапија, кога настанува нарушување на балансот во дигестивниот тракт. Од друга страна подготовката на кефир е далеку полесна отколку подготовката на јогурт, кој бара одржување на соодветна температура при процесот. 

Како да се употребува? Освен да се испие наместо чаша јогурт, кефирот може да ни послужи за потопување на житарки, како основа за смути или во овој традиционален литвански рецепт. Можностите се бесконечни.

Автор

Martina Mileva

Штип

Македонија