Колку рекорди „летнаа“ викендов во Берлин?

Викенд за паметење, од аспект на атлетиката. Светскиот рекорд во маратон по шести пат во серија е поместен токму на улиците низ Берлин. Според многумина совршената патека од 42.2 километри, календарски сместен во ладните денови од годината, со одлична организација и се разбира врвен награден фонд. Кениецот Кимето во метрономски ритам од 2:55мин/км прелета под Бранденбуршката порта со што останува запишан во историјата како првиот човек кој ова растојание го претрча за 2 часа и 2 минути.

 

Светскиот рекорд во маратон (42.2км) од вчера е поместен за скоро половина минута!!! На 02:02:57 тој беше истрчан од кениецот Денис Кимето на улиците на Берлин. За восхит е и постигнувањето на неговиот сонародник, второпласираниот Емануел Мутаи чие време од 02:03:13 е за цели 10 секунди побрзо од сега стариот рекорд на Кипсанг поставен на истата патека. Доколку лани елитните атлетичари се жалеа на ветерот во гради, оваа година временските услови беа совршени за трчање во силен ритам.

Поместувањето на новиот светски рекорд за волку голема граница повторно ја разгори атлетската јавност и експертите околу границите на човечките можности, а богами ме заинтересира и мене за да направам една мала анализа што се случи во елитната група во Берлин.

Иако тука може да се дебатира на широко каде лежи следниот чекор за подобрување и притискање на светскиот рекорд, едно е јасно, т.н. зајаци или пејсмејкери имаат голем дел од заслугата во овој потфат. На кратко, екипата кенијци Кимето-Мутаи-Каворор во три четвртини од маратонот беа во ритам на зајаците со име и презиме 2:55!

Што се случи понатаму влегува во историјата, следи трка на 5Км во ритам 2:45 во кои Камворор „издиша“ и уште една љута петка меѓу Кимето и Мутаи која придонесе за големото подобрување на рекордот. На крајот релативно олабавено темпо Кимето претрчува на целта цели 15 секунди пред конкуренцијата.

Премините на 5Км на водечката група се:

14:42, 14:42, 14:46, 14:26, 14:32, 14:30, 14:09 14:42

во темпо:

2:56    2:56    2:57    2:53    2:54    2:54    2:49   2:56

или премините на 21.1Км
1:01:45
1:01:12

што укажува на оптимално одработена трка, без нагли спринтови или кризи.

За нас обичните попладневни или викенд рекреативци, самото завршување на 42.2Км кое претставува предизвик за моменталните психо-физички можности е своевиден светски рекорд. На овогодинешниот берлински маратон завршија преку 22000 мажи и 6500 жени.

Колкумина од нив го соборија сопствениот „светски“ рекорд? Многумина од нив и за прв пат трчаат толкаво растојание. Тука повторно се навраќам на моќта на зајаците со чија ментална помош беа срушени голем број на лични рекорди. Тоа се тркачи кои не се замараат (или можеби воопшто не ги ни знаат) сопствените можности и премини на 5Км и едноставно им треба некој кој ќе им го означува нивниот светски рекорд во човечка форма која дава мотивација за притискање до крај.

Почекав до објавувањето на официјалните резултати на страната на маратонот и преку мала анализа на податоците дојдов до овој график на распределба на чип-времињата од сите машки натпреварувачи:

 

каде хоризонтално е претставено чип времето во часови, а вертикално е бројот на тркачи кои завршиле во рамките на соодветниот поделок. Поделците се поставени во растојание од 1 минута. Интересно е да се види колку многу луѓе завршуваат во (или побрзо од) точно посакуваните времиња.

Тука најмаркатнен е врвот кој се јавува околу маркерот на 3 часа и 3 ипол часа. Останатите поизразени врвови претставуваат финиширање во време трчајќи константно темпо, односно следејќи некоја од групите предводена од платените зајаци. Со преку 1000 тркачи најизразен предизвик претставува трчањето на маратон во ритам 6мин/Км.

Интересно е да се види дека во распределбата од левата страна на овој врв има многу повеќе тркачи отколку од десната. Ова значи дека повеќето си ја оствариле својата цел, поставиле личен или свој светски рекорд, во последните километри притискајќи се да трчаат малку побрзо од зајаците кои ги следеле низ целата трка.

За оние кои го пропуштивте преносот од маратонот, може да ги гледате првите 2 ипол часа на овој линк: