GoPro за најдобро аматерско видео на Ехо 2014!

Камера GoPro како награда за прво место. Времетраење на аматерското видео 1-10 минути. Пријавувањае најдоцна до 20 октомври.

Во сите досегашни изданија на Ехо, ве повикувавме вас, нашата публика, која во најголем дел е составена од луѓе кои активно практикуваат некој од планинските спортови, да станете и вие дел од самата програма на Фестивалот, споделувајќи ги своите приказни.

Знаеме дека многумина од вас, ако не и сите вие, заминувате во вашите истражувања и авантури – понесувајќи со вас фотапарати и камери и ги документирате своите искуства. Во сите изминати години се обидуваме да ве охрабриме и инспирираме да ја споделите и вие својата приказна со уште поголема публика: да инспирирате, да насмеете, да покажете какви убавини сте виделе…

Секоја искрена приказна заслужува да биде дел од нашиот Фестивал, од оваа заедничка прослава на нашата вљубеност во планините која ја доживуваме секој на свој начин: планинарење, алпинизам, скијање/сноуборд, планински велосипедизам, спелеологија, кајакарење, летање со параглајдер и што ли уште не 🙂 Покажете ни!

Со таа цел, го објавуваме овој конкурс преку кој се надеваме дека дополнително ќе ве инспирираме да учествувате во овогодинешното Ехо! Во соработка со ПроСпорт, компанија која е застапник за неколку познати брендови во Македонија, меѓу кои и ултрапопуларната ГоПро камера – ќе бидат доделени награди за трите најдобри аматерски видеа кои ќе пристигнат на нашата адреса најдоцна до 20-ти октомври! Победникот ќе добие GoPro камера, а второто и третото место – изненадувања од истиот бренд!

Повеќе инфо на [email protected] или www.ehofilmfest.mk