4 ЕЛЕМЕНТИ на Власинско езеро = вода, земја, воздух и „запалени“ спортисти

Оддалеченост како од Скопје до Охрид, но сепак предизвикот беше северно – на Власинско езеро и во неговата околина, во југо-источна Србија.

На основа на убавата соработка помеѓу TREX и организаторот „Удружење Фристајлера“, на чело со Марко Николич, по негова покана со задоволство прифативме да бидеме дел од овој мулти-штафетен настан кој се одржа трета година по ред. Со нашето учество докомплетираме 2 различни тима кои беа во потрага по „жешки“ тркачи.

Трката се состои од штафетно натпреварување во 5 спортови: кајак (12км), пливање (5км со 400м трчање), планински велосипедизам (45км со 1800м вертикално искачување), трчање (10км со 1100м вертикално искачување) и параглајдинг (12км воздушна линија). Секој тим има по 1 натпреварувач од секоја дисциплина. Вкупно присуствуваа 12 тимови, 60 натпреварувачи , еден куп логистика и организација.

Тања Манчева и јас (Марјан Бонев) едвај чекавме да дојде 28ми Август за уште рано сабајле да се упатиме кон Власинско езеро на 1211м надморска висина. Навистина прекрасен предел. Трката беше закажана за следниот ден – 29ти, Тања трчаше за тимот „Паклене Даме“, а јас за „Кајак хаус“.

Многу адреналин и возбуда придонесоа за интересна трка во која имаше губење на чип (штафета), незавршување на дури 7 тимови, тешко полетување и слетување на параглајдерите кои нормално потоа трчаа/одеа по 3, 5 и 10км со 20+кг ранец на нив. За крај таман кога првиот параглајдерист мислел дека ја заврши трката и го испил до половина пивото, некој од организација викнал „имамо проблем со Кајак хаус, време уште тече“.

Во превод – нашиот параглајдерист го допрел чипот но најверојатно не доволно долго за да станицата успее да го „чекира“. Па така по изгубени околу 10 минути но сепак доволно време пред да стигне вториот параглајдер чипот е повторно чекиран за означен финиш и победа на Кајак хаус со вкупно време 6ч 36мин. Второ место за тимот „Меџик мап“ со време 6ч 47мин и трето место за „Орловац крос“ и време 7ч 14мин.

Тимот на Тања не успеа да ја заврши трката поради пробивање на временскиот лимит, но сепак Тања поштено си го истрча своето и стигна на Велики Стрешер (1876мнв) за 1:42:58.

Моето време на трчање беше 59:56 и иако не беше најбрзо, сепак со задржаната предност пред другите тимови и брзото активирање на параглајдерот како прв беше од големо значење во една ваква неизвесна трка.

Следната година организаторот најави промена на локацијата на одржување, но не се сомневам дека ќе биде некоја нова скоро недопрена и екстремна природа и ќе пријавиме тим во комплетно македонски состав.

Резултати, слики и повеќе информации ТУКА

Автор

TREX

Скопје

Македонија