Екологика

Урбана револуција vol.1

Човекот беше бавен, па го измисли тркалото. Човекот беше загадувач, па го измисли копенхагенското тркало…

Што се случува кога ќе се поврзат чудотворците од MIT и градот на велосипедите -Копенхаген?

Се создава револуционерно тркало, наменето за секого, од обичните граѓани кои сакаат да возат точак до научниците кои ја следат загаденоста на воздухот во градот и состојбата на патиштата.

Копенхагенското тркало го претвора обичниот точак, лесно и едноставно во електричен велосипед со регенеративно полнење додека возите. Во исто време ве информира за моменталната состојба на животната средина во која возите.

Тркалото собира енергија во батериите кога кочите и вртите, за кога ви треба екстра помош да го вклучи моторот, помагајќи ви лесно да поминете поголеми дестинации и тешки угорнини, а во исто време, вградените сензори собираат информации за воздухот, бучавата, густината и состојбата на патиштата.

Различноста на Копенхагенското тркало од сите други електрични велосипеди е во тоа што сите компоненти се спакувани во еден диск. Нема никакви надворешни кабли или чудни батериски кутии, правејќи го едноставен за поставување на било кој постоечки точак.

Внатре во дискот се сместени моторот, 3 брзински менувач, батерии, сензор за придвижување, GPRS, и пакет сензори кои прават мониторинг на CO, NOx, бучава, влажност на воздухот и температура.

За сега тркалото може да се набави така, а во скора иднина секој ќе може да го специфицира во согласност со своите потреби и навики. Пример – живеете во град со многу угорнини – зголемете ја моќта на батериите , сакате повеќе информации за животната средина – зголемете го бројот на сензори…

И да, тркалото се контролира со смартфонот, лесно станувајќи дел од вашиот секојдневен живот.

Телефонот се поставува на кормилото и преку bluetooth се поврзува со тркалото. Понатаму, се оди преку апликацијата за тркалото, може да се отклучи или заклучи, да се менуваат брзини на моторот, да се одбира колку тркалото да ви помага во возењето, да се прегледаат сите релевантни информации за животната средина.

А кога сме кај прегледот на информациите за животната средина, апликацијата е направена да ги собира сите информации од секое тркало низ градот, комплетно скенирајќи го градот, за да се добие детална слика каде се жешките места на загадување во градот.

Доколку сакате да си набавите вакво тркало, клик тука

Секоја чест за создавачите од MIT  и градот Копенхаген, кои целосно го финансирале создавањето на ова чудо од тркало.