Менаџирајте го стресот со медитација

Во денешно време стресот е еден од основните ризик-фактори што ја нарушуваат нашата здравствена состојба. 

Зададените рокови на работа, конфликтите со блиските, дури и метежот во сообраќајот, придонесуваат за нашето неурамнотежено функционирање. Таквиот хроничен стрес нѐ прави расеани, конфузни, нервозни, но исто така и физички се одразува врз нас, правејќи нѐ поподложни на голем број болести (главоболки, висок крвен притисок, проблеми со варењето на храната, несоница и многу други). Секако, има и ситуации во кои е нормално да се реагира со одредена доза напнатост, но ако тоа стане модел на однесување и дел од нас, тогаш неизбежно ќе дојде моментот кога ќе се соочиме со нарушено здравје.

Јогата во голема мера може да влијае врз ублажувањето и превенирањето на реакциите на нашиот организам на стресните ситуации со кои се соочуваме, односно да нѐ направи поотпорни на стресот, а медитацијата, како нејзин интегрален дел, е корисна техника за справување со оваа „напаст на модерното време”.

Редовното практикување на медитацијата може да ни даде чувство на спокој, мир и рамнотежа, кои ќе придонесат за ментална благосостојба и подобрување на општата здравствена состојба. Ваквите придобивки нема да завршат со завршувањето на медитацијата, туку ќе останат меморирани во нас и ефектите ќе ги чувствуваме во текот на целиот ден. Практикувајќи редовно медитација, стресните ситуации ќе успееме да ги гледаме од една друга посветла перспектива, ќе можеме да ја зголемиме свесноста за нив, полесно ќе управуваме со стресот, ќе можеме да се фокусираме на сегашниот момент и ќе ги намалиме негативните мисли и емоции. Со медитацијата не само што ќе се чувствуваме подобро туку и ќе нѐ направи подобри како личности, повнимателни и подоблесни, а тоа, пак, ќе им биде од корист и на оние со кои комуницираме.

Медитацијата ни помага да се заштитиме од стресот, а кога тој ќе стане толку голем и ќе нѐ натера да побараме и медицинска помош, редовната медитативна практика исто така ќе биде корисно надополнување на третманот.

Марија Сиљаноска Михајлоска, наставник по јога