Илинденска вело-(аван)тура

Во потрага по некое фино исполнето велосипедско репертоарче, за празничниот викенд се одлучивме да си приредиме ни помалку ни повеќе туку три супер вело-тури. 

Планот беше следен. Пристигнување во Охрид на 31ви, што е можно побрзо смесување во кампче (рецепција, шаторче и толку) и тргнување на првата тура, Охрид – Св. Наум – Охрид како загревање за викендот. Беше петок, некако тапа ден, а и облачно време, па условите беа сосема солидни за пријатна вожња без многу гужва по патот. Капење и ручече во Трпејца, малку во Св. Наум, за мерак.. 

Вториот ден се решивме за малку педлање низ Јабланичките Алпи. Утрото извозевме до Струга, па затоа што нема како неа друга ѝ испивме едно кафе крај Дрим и потоа правец за селото Вишни, сместено на една прекрасна и скриена локација во прегратките на планината. Краток одмор со таратур од тамошно овчо кисело кај нашите пријатели и правец за Горна Белица. 

Горна Белица најубаво е да се доживее, а не да се раскажува, затоа што селото на своите 1450 м.н.в е едно од најубавите во регионот. Од таму преку брдото, удоле за Вевчани, прошетка низ „државата“, посета на изворите, по некое пиво и правец Октиси, Долна Белица, Враништа, Струга на пица и Охрид. 

Третиот ден бевме закажани за Бајк викендот на Попова Шапка. Малку закаснивме на натпреварувачкиот дел кој влегуваше во распоредот на државното велосипедско првенство во планински велосипедизам, па ги фативме само доделувањата на наградите. 

Сепак, после тој дел следеше рекреативна тура до Лешница која за секој што љуби МТБ е задолжителна. Го посетивме и скриениот водопад кој е богатство само за себе, а поради профилот на рутата, враќањето е она потешкото, исплнето со „бескрајно“ качување. Како за крај нè истушира невремето кое не снајде пред Шапка кое дојде како шлаг на убавата авантура. 

Бирајте тура, не ви бега авантура!