Како да се одбраните од листерија?

Бидејќи пишуваме за храна и ве охрабруваме да јадете што е можно повеќе свежа и сезонска, чувствуваме должност да напишеме и збор два за безбедноста и контаминацијата на таа храна. 

Листериозата е инфекција предизвикана од бактеријата Listeria monocytogenes, која примарно се наоѓа во почвата и растенијата, меѓутоа многу често се изолира и од млечни продукти, прашина, вода. Оваа бактерија за млада и здрава индивидуа не е голема закана, но за стари, изнемоштени лица, бремени и новородени може да има и смртен исход.

Кај здрави имунокомпетентни лица инфекцијата поминува со пролив, покачена температува, малаксаност, спонтано или со помош на антибиотска терапија, но кај останатите може да се развијат сериозни комликации како што е менингоенцефалитисот.

Како да се спречи? Освен потребата од построги инспекциски контроли, кои се неопходни за храната заразена со листерија да не стигне до продажба на прво место, потребно е и потрошувачите да обратат внимание на храната што ја консумираат и на нејзината подготовка.

Рацете треба да се мијат пред секаква манипулација со храната, а истото важи и за ножевите, даските и површините на кои храната се сецка. Фрижидерот одржувајте го на 4°С или помалку, а замрзнувачот под 0°.

Зеленчукот и овошјето и зготвената храна чувајте ги подалеку од свежото месото и месните производи, обложени со пластична фолија ако се пресечени или во посебни пластични садови за чување храна.

Пред консумација задолжително миење на овошјето и зеленчукот без штедење, па дури и ако планирате да ги лупите. Бидејќи листеријата не преживува во кисели средини, потопувањето на овошјето и зеленчукот во вода со малку оцет не е на одмет.

Избегнувајте непастеризирано млеко и млади сирења, сувомеснати производи, месо со сомнително потекло, чадената риба и морската храна, како свежа така и смрзната. Сендвичите и претходно припремените салати приготвени надвор од дома се потенцијален извор на листерија и други бактерии, па паметно е да не купувате вакви производи. Смрзнатото овошје и зеленчук и из’ртените семиња исто така може да бидат потенцијален извор.

Претходно зготвената храна консумирајте ја што е можно побрзо или повторно обработете ја термички. Сите остатоци од храна после три дена е пожелно да се фрлат.

Овие мерки на претпазливост не се однесуваат само на листеријата, туку на другите бактерии и имајте ги на ум секогаш кога манипулирате со храна.