Макромоќи во микропакување

Диетални влакна, минерали, витамини, протеини, антиоксиданси, здрави масти и одлични вкусови за сечија мерка. Овие се семките кои топло ви препорачуваме секојдневно да ги користите…

 

ЧИА едни од најславните на оваа листа, меѓутоа сосема оправдано. Содржат огромна количина на омега 3 масни киселини, протеини и калциум. Имаат неутрален вкус, па одлично се вклопуваат во благи десерти, пијалоци, во солени јадења. Освен тоа бидејќи бабрат во допир со течност и добиваат гел конзистенција имаат и прочистувачки ефект врз дигестивниот тракт, а оваа нивна способност ги прави одлична кулинарски намирница за многу интересни и поздрави рецепти.

ЛЕН изобилува со диетални влакна, омега 3 масни киселини и лигнани. Лигнаните се фитоестрогени кои имаат и антиоксидациско дејство, а се поврзуваат со намалување на БМИ, намалување на мастите од абдоминалната регија и олеснување на ефектите од менопаузата кај жените. За да го извлечете максимумот од лененото семе, потребно е да го сомелите. Претходно мелено семе од лен во комерцијалните пакувања не се препорачува бидејќи масните киселини лесно и брзо оксидираат.

 

СУСАМ мало минерално богатство. Овие семчиња изобилуваат со магнезиум, железо, калциум, фосфор, цинк и Б витамини. Освен како семки, сусамот може да го користите и во вид на таан, кој е одлична замена за мајонез и слични сосеви или сами да си направите вкусен намаз како хумус.

СЕМКИ ОД ТИКВА подеднакво богати со минерали како и сусамовото семе, но далеку помалку калории и масти отколку другите семки. Семките од тиква содржат и фитостероли, состојки за кои се смета дека го намалуваат холестеролот и покажуваат кардиопротективен ефект. Освен тоа имаат и антиинфламаторен карактер, а одлично се вклопуваат во салати, чорби, ориз и како грицки.

СЕМКИ ОД СОНЧОГЛЕД се најдобриот извор на витамин Е, полезен за кожата, особено во овој летен период кога често сме изложени на негативното сејство на сончевите зраци. Покрај бројните минерали како цинк, железо, калциум, овие семки изобилуваат и со антиоксиданси.

 

КОНОП ова семе е далеку пред сите останати на оваа листа кога зборуваме за протеини. Коноповото семе има комплетен аминокиселински профил и ги содржи сите есенцијални аминокиселини што го прави одличен диетарен извор на протеини. Исто така содржи и оптимален однос на омега 3 и омега 6 масните киселини. Овие семчиња се одличен додаток во утринското смути, во овесна каша, во салата или тестенини.

ЦРНО СЕМЕ за тоа дали црното семе “лекува сè освен смртта” нема да расправаме. Фактите се дека црното семе или уште познато како црн ким изобилува со есенцијални масла и фитонутрициенси кои може да имаат бенефити за здравјето. Од особен интерес е тимокинонот, состојка во црното семе за на која и се препишуваат антиепилептични и антиканцртогени ефекти.