Скопје – Белград за 15 часа на велосипед

Македонскиот велосипедист Горан Кузмановски тргнувајќи со помислата да стигне за нешто под 24 часа од Скопје до Белград (цирка 500 км.) успеа сериозно да се изненади себеси, а и сите нас со тоа што ја истркала сериозната дистанца за многу пократко, веројатно и за рекордно време.

Велосипедистот Горан Кузмановски, член на клубот Е.Б.Т.С од Скопје конечно го исполни својот сон. Она што до понеделникот изгледаше незамисливо го оствари возејќи во еден здив од Скопје до Белград, турата „Од коњ до коњ“, како што тој ја нарече.

Сè се случи во едно деноноќие. Возењето започна во понеделникот (7 јули) во 13.50 минути од плоштад Македонија во Скопје и заврши во во вторникот (8 јули) во 8 часот наутро. Вкупното време изнесува 18 часа или 15 часа и 5 минути во активно возење.

Од Скопје Горан тргна само со една банана и барови во задниот џеб на неговиот дрес. Останатата храна му беше обезбедена од автомобилот што го следеше на турата од Предејане до влезот во Белград.

– „Едниот возеше и ме штитеше од сообраќајот, а другиот ми спремаше изотонични пијалоци, ми правеше сендвичи, ги полнеше бидоните со вода“, рече Кузмановски.

Потешкотии како да немаше по целиот пат. Единствени проблеми имаше на потегот Куманово-Предејане каде имаше директен ветер од напред. Останатиот дел од патот помина во најдобар ред. Дури ни жешкото не му сметаше. Како што вели тој, секако нема логичен дел од денот кога да тргнеш на пат што е планирано да трае 24 часа а патуваш само со велосипед.

 

Автор

Probike

Скопје

Македонија