Суперхрана ама наша

Што би купиле попрво? Азуки грав или бел грав? Модра слива или умебоши слива? Гоџи бобинки или дренки? Додека даваме денарчиња за скапи егзотични увозни “суперхрани” забораваме дека нашето топло македонско тло веќе одамна раѓа такви… само нам не ни се интересни?!

Прво, самиот термин “суперхрана” се однесува на храна која има богата палета од минерали, витамини, антиоксиданси и фитонутрициенси, со голема хранлива вредност, а малку калории. Второ, овој термин е маркетиншка измислица за да се додаде вредност на некој продукт кој често нема докажани медицински полезности.

Што се однесува на првото, доматот, гравот, пиперката, дренките, морковот, цвеклото и многу други, совршено и на свој начин се вклопуваат во дефиницијата за “суперхрана”. Се што треба ние да направиме е доволно често и разновидно да ги внесуваме преку нашата секојдневна диета.

И егзотичните “суперхрани” си имаат свој бенефит, како и нашите “суперхрани”, но ним им се придодаваат малку поголеми вредности и многу поголеми цени. 

За крај може да заклучиме дека не постои “суперхрана”, но постои нешто како што е СУПЕРИСХРАНА, а тоа е здрава и балансирана диета преку која ќе ги примите сите потребни нутрициенси и течност во текот на денот.