Матична билка за сечиј двор

Се користи во индустриски, фармацеврски, кулинарски и козметски цели. Матичњакот е една од најразноврсните билки кои ги имаме на дофат. Оној кој ние го набравме заврши во еден одличен рецепт, а оној кој вие ќе го наберете може да го искористите на некој од начините што следуваат…

Во литературата можете да го сретнете и како лимонова трева или пчелинок. Првото затоа што плени со својот мирис на лимон, а второто затоа што им е омилен на пчелите. Листовите на матичњакот се јајцевидни, а билката расте и до еден метар во висина. Најпотентни се етеричите масла кои го содржи, непосредно пред да процвета, а тоа е во овој мајски период.

Матичњакот е одлична антивирална билка, па ако мака мачите со херпес на усни, барајте препарат на база на лимонова трева, значително ги намалува симптомите и го забрзува заздавувањето. Истиот ефект го има и кај убодите од комарци, но намалува сврбежот и помага побрзо зацелување на местото.

  • Масло од лимонова трева: Наполнете 1/4 од тегла со сушени листови матичњак и прелијте со маслиново масло. Чувајте ја теглата, добро затворена на темно и ладно место, 4-6 недели, по што можете да го користите маслото за премачкување на херпетични промени или убоди од комарци. Во комбинација со вазелин или пчелин восок може да си направите и балзам за усни.

Поседува и огромна релаксирачка способност. Пробајте во мигови на нервоза да се напиете чај од матичњак, веднаш ги смирува нервите, а се препорачува и кај хиперактивни деца на не толку активни родители. Има благо седативно дејство, па не треба да го комбинирате со лекови наменети за иста цел.

Исто така делува смирувачки и на дигестивниот тракт, па може исто да си сварите чај од матичњак и за смирување на болки во стомакот или грчеви во цревата. Чајот можете да го подготвите и од сушени или уште подобро свежи листови, кои ќе ги прелиете со врела вода и откако ќе се олади, прецедувате, пиете и се релаксирате.

За свежина на здивот изџвакајте неколку ливчиња лимонова трева или направете си домашни кандирани ливчиња кои ќе ви траат подолго. Направете смеса од една белка и малку вода, брцнете ги ливчињата во смесата, а потоа извалкајте ги во шеќер. Може да ги исушите во дехидрататор или на 100 степени во рерна околу половина час.

Дајте им нова димензија на овошните салати со екстра лимонова свежина или додатете од матичњакот во сладоледот. Одлично оди со повеќе десерти, експериментирајте каде вам најмногу ви се допаѓа.