Кога е доста од жолчки и белки?

И дали воопшто треба да се подзамислиме со намалување кога станува збор за најхранливата намирница?

Едно јајце содржи 186 милиграми холестерол или 62% од дневните препорачани вредности и токму заради тоа има лоша репутација. Холестеролот во крвта доаѓа од два извори. Едниот го продуцира црниот дроб, а другиот го примаме преку исхраната. Она што повеќето не го знаат е дека вкупната количина на холестерол, оној што телото го продуцира и оној што го консумирате не е едноставен математички збир.

Всушност колку повеќе холестерол консумирате, толку помала количина телото продуцира и обратно, ако скратите од холестеролот преку исхраната, црниот дроб ќе се зафати со работа, па така нивото на холестерол се одржува на едно прилично константно ниво. Инаку холестеролот е од витално значење за организмот. Составен дел е од секоја клеточна мембрана и стероидните хормони тестостеронот, естрогените и кортизолот.

За да не биде напразно муабетот, повеќе студии докажуваат дека диетарниот холестерол не ги менува вкупните нивоа на холестерол во крвта. Ако го земеме во предвид начинот на исхрана на Јапонците, кои се хранат со многу, многу јајца (некој пресметал дека просечен Јапонец консумира 328 јајца годишно) и потоа ја разгледаме нивната историја на кардиоваскуларни заболувања (минимални) можеме да претпоставиме дека всушност јајцата се неправедно обвинети.

Сепак оние луѓе кај кои организмот е „хипер-реактивен” на холестеролот од храната, имаат зголемени нивоа на ЛДЛ и луѓето со дијабетес треба да внимаваат со диетарниот холестерол и да ги ограничат количините кои ги внесуваат, според препораките на докторите.

Ако сепак се храните здраво, со многу протеини од растително потекло, зеленчук, овошје, практикувате барем умерена физичка активност, едно јајце, па и повеќе од едно на ден нема да ви помрднат ниту еден биохемиски резултат. Студиите кои го подржуваат секојдневното јадење јајца се правени со најмногу 3 јајца дневно и се покажале прилично безбедни за здравјето.

Автор

Martina Mileva

Штип

Македонија