Бенефити од глуварчето

Глуварче – тоа е она бело облаче што под најнежниот детски здив се разлетува на стотици “опасни” семчиња. Ама нема потреба за затнување уши, од глуварчиња не се оглувува, единствено можете да побрзате и да ги фатите во стадиум на розети, па да ги искористите многубројните бенефити.

Оние жолти цветчиња што ги поплавуваат ливадите во пролет, а и непосакувано ќошевите во домашните градини, изобилуваат со многу полезни својства. Наберете од нив пред да се претворат во бели памучиња.

Глуварчето (лат. Taraxacum officinale) може да се користи целосно, од коренот, па до цветот. Содржи млечен сок кој во контакт со кожа може да даде алергиска реакција, но не е отровен како што порано се мислело, всушност ниту еден дел од оваа билка не е отровен.

Латинскиот назив Taraxacum  значи “дива салата”, додека англискиот Dandelion значи “заб на лавот” бидејќи жолтата розета наликувала на забите на лавот. Македонскиот и бугарскиот назив “глуварче” верувам дека на сите ни е познато од каде доаѓа.

За што може да се користи глуварчето?

Пред се глуварчето е многу ефективно во прочистување на крвта од токсини и подобрување на целовкупниот промет на материи во организмот. Заради горчината, како и другите горчливи билки, глуварчето позитивно делува на апетитот и варењето на храната.

Се користи и се препорачува во случаи на диспепсија и опстипација или генерално кај пореметување во варењето на храната. Исто така успешно се користи и при лекување на болести на жолчните патишта бидејќи ја стимулира продукцијата на жолчни киселини.

Бидејќи има и диуретично дејство, може да се применува во сите случаи кога има отежнато мокрење или задршка и вишок течности во организмот. Секако препорачано е глуварчињата да ги наберете надвор од урбаната средина, бидејќи во градските зони, овие билки го филтрираат воздухот и задржуваат токсични материи.

Од цветовите на глуварчето можете да си направите чај или сируп според овој рецепт.