Сварив, испив, ослабнав

Чај се пие и во топли денови, еве и зошто…

Сигурно веќе ви е јасно дека чаевите не служат само за загревање на дланките и утробата во ладните зимски денови, туку имаат и одлични здравствени придобивки. Нивната употреба комотно проширете ја и на пролетните, па и летните денови, бидејќи едно ново истражување покажа дека чаевите и те како може да се вклопат во вашата мисија да имате витка става.

Имено зелениот, белиот, улонг чајот изобилуваат со катехини. Овие флавоноиди во комбинација со кофеинот во значително ја засилуваат енергетската потрошувачка и оксидацијата на мастите, процес кога масното ткиво се искористува за добивање енергија и автоматски се ослободувате од вишоците.

Истражувањето било спороведено од Советот за чаеви на САД, а резултатите биле објавени во декемвриското издание на Американскиот журнал за клиничка нутриција од минатата година. Всушност субјектите изгубиле во просек 1.3 килограми за 12 недели, без промена на нутритивните навики, само со дополнување на катехини и кофеини преку чај. Не е за потценување, нели?!

Секаде каде употребувате вода можете да употребите и некој од горе споменатите чаеви за стопување на плус некоја масна клетка. Наместо вода во смутито или цедениот сок додадете зелен, бел или улонг чај. Утринскиот овесен појадок потопете го со чај наместо млеко. Направете си коцки мраз од чај или уште подобро ако имате калапи за сладолед, направете си сладолед од омилениот чај со парчиња овошје.