Триковите на прехрамбената индустрија

Најбрзиот пат до потрошувачот не е желудникот, туку очите… а овој мал факт прехрамбената индустрија вешто го користи.

Во продолжение следуваат неколку трикови како прехрамбената индустрија ги мами потрошувачите да донесуваат импулсивни одлуки и да купуваат повеќе и понездраво…

Збунувачки фрази

Производителите играат на карта дека потрошувачите не се доволно информирани за производите кои ги купуваат, па најчесто тоа им дава и целосно право да напишат на пример “0% масленост” и да ја изостават количината на шеќер или сол. Неинформираниот потрошувач овој производ го прецепира како поздрав.

Сетило за мирис

Понекогаш пекарите или слаткарите подобро го искористуваат вашето сетило за мирис отколку што вие самите го правите тоа. Кој може да и одолее на аромата на цимет или свежо испечен леб?! Крајниот резултат е дека вие ќе се вратите дома со векна леб која не сте ја планирале, а аромата која ги опкружува овие продавници е испланирана.

Понуди кои не се одбиваат

“Земи едно добиј две”, “секое второ е гратис”, “секоја кутија е добитна” и уште многу вакви понуди кои е тешко да се одбијат кога за малку пари добивате речиси дупла количина или некаква награда, а иако всушност добивате дупла количина нездрава храна и награда за нездравиот избор кој сте го направиле. Сепак ретко се одолева на ваквите понуди.

Без глутен

Откако глутенот стана најновото “зло” во храната, цели рафтови во продавниците се исполнети со безглутенска храна, која често е и поскапа. Интересно е дека всушност потрошувачката на безглутенска храна е зголемена и кај оние кои немаат никаков проблем со просетливост на глутен.

На каса

Често додека чекате на каса околку вас има цело шаренило од мастики, бомбони, чоколатца и други слатки задоволства кои ве предизвикуваат да ги купите. Обидете се да им одолеете бидејќи токму тие ви се најнепотребните во корпата.

Хало ефект

Трговците знаат дека попрво ќе консумирате производ со здрава етикета отколку без овој натпис, па дури и кога храната не е здрава. Ова се применува на житарки, мусли барови, па и на некои брендови вода, кога додатоците ги прават далеку од здрави, но вие судите само по она што ви го има напишано производителот на етикетата.